Додека дел од студентите на УКИМ изразуваат незадоволство и загриженост поради зголемените трошоци, Мета.мк направи поширока споредба на тоа колкави давачки имаат студентите на шесте државни универзитети во Северна Македонија
Студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје од оваа академска година се соочуваат со зголемени дополнителни давачки покрај партиципацијата, односно школарината за студирање. Па така, од овој зимски семестар, во насоките за упис, студентите забележале нови трошоци кои треба да ги уплатат на сметката на факултетите. Зголемувањето на сумите некаде се движи и над 2.000 денари повеќе од она што се плаќало до минатата академска година.
Покачување на давачките има речиси на сите факултети во рамки на УКИМ, што поттикна повеќе или помалку гласни реакции.
И додека дел од студентите изразуваат незадоволство и загриженост, Мета.мк направи поширока споредба на тоа колкави трошоци имаат студентите на шесте државни универзитети во Северна Македонија.
Споредени се дополнителните трошоци покрај партиципацијата за студирање, која за редовните студенти во државна квота изнесува 200 евра годишно, а за редовните студенти со кофинансирање и за вонредните студенти изнесува 400 евра годишно.
Анализата покажува дека давачките кон некои универзитети се повисоки од оние на УКИМ, додека други наплаќаат многу помалку.
Информациите за трошоците се собрани од официјални соопштенија на високообразовните установи, достапни онлајн, но и преку одговорите на новинарските прашања што ги упативме до раководствата на универзитетите, како и од разговори со студенти на различни факултети.
Од шесте државни универзитети, единствено Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје не одговори на прашањата на Мета.мк за тоа колкави трошоци плаќаат студентите кои го запишуваат зимскиот семестар на факултетите што се дел од овој најнов државен универзитет.
Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
Согласно Анексот на Правилникот за студирање, на факултетите во рамки на УКИМ им е дозволено сами да утврдат одредени надоместоци врз основа на „нивните спецификации и реални трошоци“. Па така, на различни факултети на УКИМ се плаќаат различни трошоци.
Мета.мк направи споредба помеѓу давачките за зимскиот семестар на Правниот, Филозофскиот, Медицинскиот и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и истите се движат меѓу 900 и 3.650 денари.
Инаку, по објавата на Мета.мк претходно месецов дека се зголемуваат давачките на Филозофскиот факултет, од Универзитетското студентско собрание на УКИМ излегоа со соопштение проследено од овој факултет, во кое се вели дека Филозофскиот наводно ги повлекува зголемените трошоци.
Според студентското собрание, наместо 5.600 денари колку што биле предвидени претходно, студентите сега ќе плаќаат 2.800 денари на годишно ниво за дополнителни трошоци, покрај партиципацијата.
Меѓутоа, студентите на своите мејлови пред објавата на Мета за зголемените давачки добија известување дека треба да уплатат 2.800 денари за „онлајн и материјални ресурси“ – сума што треба да ја платат и сега, па оттука, останува нејасно како Филозофскиот факултет ги „повлекол“ покачените суми.
Целиот текст прочитајте го на: meta.mk