Во септември во САД се отворени 254.000 нови работни места, што е многу над очекувањата на економистите кои прогнозираа нови 140.000 работни места, објави денеска американското биро за статистика на трудот.
Најбрз раст на вработеноста е забележан во услужниот сектор, особено во здравството, за 71.700, како и во индустријата за забава и угостителство, за 78.000, се додава во извештајот.
Во септември во американскиот услужен сектор беа отворени вкупно 202.000 нови работни места.
Економијата расте и постои голема веројатност дека високата инфлација во САД ќе биде контролирана без да падне во рецесија, изјави економистот и професор на Бостонскиот колеџ Брајан Бетун.