Во вториот квартал од 2024 година има засилена употреба на дигитални плаќања од страна на граѓаните. Податоците кои ги објави Народната банка велат дека се почеста е употребата на платежните картички од страна на граѓаните, а полека станува пракса и плаќањето по пат на интернет, односно електронските платни налози. Со тоа што има раст на вкупните трансакции во е-трговијата од 22 отсто на годишно ниво, може да се заклучи дека граѓаните се повеќе се откажуваат од плаќањата во кеш.
Од расположливите податоци кои ги објави Централната банка може да се забележи дека во вториот квартал од 2024 година има раст од 17 отсто на врдноста на направените трансакции со платежни картички. Дополнително, растот на бројот на платежните трансакции се должи пред сѐ на високиот годишен раст на плаќањата во е-трговијата во земјата од 21,8%, при солиден раст од 16,8% и на плаќањата на терминалските уреди ПОС. Податоците велат и дека годишен раст е забележан и кај плаќањата на граѓаните со платни налози, особено кај бројот на платежните трансакции од 9,4%, како и помал годишен раст од 0,9% кај вредноста на остварените трансакции, при натамошна зголемена употреба на дигиталните канали за иницирање на овие плаќања.
„Бројот на платежните трансакции со користење на апликациите за мобилно плаќање во вториот квартал од оваа година е поголем за 44,3% од бројот на овие трансакции во истиот период од 2023 година, а солиден годишен раст од 12,6% е забележан и кај бројот на трансакциите иницирани преку онлајн банкарството. Притоа, со користење на апликациите за мобилно плаќање, граѓаните извршиле 63,7% од вкупниот број електронски иницирани платни налози, што укажува на сѐ поголемата употреба на решенијата коишто им овозможуваат побрзо и поедноставно иницирање на платежните трансакции“, се наведува во извештајот на Народната банка.
Според инволвираните од оваа индустрија, Е-трговијата и дигиталните пазари се развиваат со забрзано темпо и секогаш се менуваат, па очекувањата се дека in store купувањето се повеќе зема замав, а со тоа и е-трговијата продолжува да напредува. Очекувањата се дека до 2026 година на глобално ниво вредноста која ќе се движи од шест до осум трилиони американски долари. Секако тоа ќе може да ја подобри и конкурентноста и квалитетот на услугите кои ги даваат интернет трговците.
Е-трговијата денес е клучна индустрија која придонесува за растот и на локалните, и на глобалните компании. Потенцијалот на е-трговијата почна да се отплеткува, но сè уште истиот не го постигнал максимумот. Од експанзијата на fulfillment центри и влезот на меѓународни играчи на повеќе локални пазари, индустријата е сведок на извонредна трансформација каде бизнисите сѐ повеќе почнуваат да гледаат колку е голем потенцијалот и колку може да се постигне во оваа индустрија.
Од друга страна, со растот на е-трговијата, растат и се развиваат и очекувањата на потрошувачите. Она што некогаш се сметаше за задоволително – едноставното примање на производ, сега се развива во побарувачка за брзи и едноставни решенија, иновации, флексибилни опции за плаќање и лесен поврат на производите. Оваа промена ја нагласува потребата бизнисите да се приспособуваат и да иновираат, отклучувајќи го целосниот потенцијал на е-трговијата за да ги исполнат и надминат овие растечки очекувања.