Ќе биде ли конечно минималната плата 450 евра? Одговор на ова прашање се очекува на првата седница на Економско-социјалниот совет.
Сојузот на синдикати на Македонија за весникот ВЕЧЕР, информираат дека мора да има политичка волја за зголемување на минималната плата во државата, за да не ни се случи и овие што останаа да си заминат. Според последните податоци од Сојузот на синдикати на Македонија, 25.000 работници земаат минимална плата, а 10 илјади помалку од 22.567 денари. Прашањето за зголемување на минималната плата треба што поскоро да се реши, бидејќи голем број работници во државата се поблиску до минималната, отколку до просечната плата.
– Согласно со Законот за исплата на минималната плата таа се пресметува секој март и изнесува 50 отсто од инфлацијата, односно од зголемувањето на трошоците за живот и 50 отсто од просечната плата во државата. Нашите пресметки се дека наредната година во март би се зголемила за 12 отсто или за околу 1.700 денари. Тоа повторно не доволно затоа што сме далеку зад другите земји во регионот каде минималната плата веќе одамна е над 450 евра. Мора да има политичка волја за да не се следи оваа методологија која минимално ја зголемува минималната плата, изјави за весникот ВЕЧЕР, Иван Пешевски, потпретседател во Сојузот на синдикати на Македонија.
Друго прашање кое треба да се реши е платите до крај на годината да се усогласат согласно потпишаниот општ колективен договор за јавен сектор. Тоа значи дека нема да има повеќе бодови, туку коефициенти кои ќе се множат по просечна, а не по минимална плата.
-Се надеваме дека ќе има зголемување на платите во наредниот период. Но и тоа нема да биде доволно за да преживеат работниците, бидејќи се покажа дека мерките кои ги донесе Владата не го подобрија стандардот на граѓаните, вели Пешевски и додава дека очекува минималната платата според оваа методологија наредната година да стигне до 400 евра.
Но, како што вели минималната плата треба да биде основа, а не плата за живот, бидејќи многу голем број на работници во државата се поблиску до минималната отколку до просечната плата.
Целиот текст прочитајте го на: vecer.press