Македонскиот здравствен систем се соочува со сериозни предизвици, поради што многу граѓани се одлучуваат за приватни здравствени услуги, дури и кога тие се значително поскапи.
Здравствените услови во јавниот сектор често се критикувани поради недостиг на ресурси, долги листи на чекање и застарена опрема, што го принудува населението да бара решение во приватните клиники.
Но, колку пари навистина се потребни за приватно здравство и дали тоа е достапно за просечниот македонски граѓанин?
Приватно осигурување за целото семејство
Никола Божиновски, 34-годишен скопјанец, секоја година издвојува значителна сума за приватно здравствено осигурување за своето семејство.
„Плаќам 650 евра годишно за мене, сопругата и за нашето 2-годишно дете. Се одлучивме за приватно осигурување бидејќи јавниот систем не нуди доволно квалитет и сигурност, а со мало дете не можам да си дозволам ризик“, ни изјави Божиновски.
Никола објаснува дека претходно се обидувале да се потпрат на јавните здравствени услуги, но лошите услови, долгиот процес на закажување термини и застарената медицинска опрема ги натерале да побараат алтернатива.
„Еднаш чекавме три месеци за најобично ехо на срцето на сопругата. Од тогаш решивме да не ризикуваме повеќе“, додава тој.
За многу семејства како Божиновски, приватното здравство станува сè попривлечна опција, и покрај високите трошоци.
„Годишниот износ што го плаќаме за приватно осигурување можеби изгледа голем, но го гледаме како инвестиција во нашето здравје и сигурност. Со приватното осигурување имаме пристап до прегледи, лабораториски анализи и специјалисти без да чекаме со недели или месеци, што за нас е клучно“, обаснува нашиот соговорник.
Разочарување од јавниот здравствен систем
Македонскиот јавен здравствен систем, и покрај обидите за реформи, сè уште се соочува со многу недостатоци.
Пациентите често се жалат на долги листи на чекање за специјалистички прегледи, недостиг на соодветна медицинска опрема и лекови, како и на преоптовареност на медицинскиот персонал.
Една од најголемите проблеми е времето на чекање за одредени прегледи и интервенции. Пациентите неретко чекаат месеци за специјалистички прегледи, што ги принудува да платат од сопствениот џеб за приватни услуги.
За оние со сериозни здравствени проблеми, тоа значи дека времето што би можеле да го изгубат во јавниот систем може да биде критично за нивното здравје.
Во последните години, овие недостатоци доведоа до пораст на интересот за приватно здравствено осигурување, кое нуди побрз и поефикасен пристап до здравствени услуги.
Сепак, оваа опција не е достапна за сите, особено за оние со пониски приходи.
Растечки интерес за приватно осигурување
Денар разговараше со брокер од Скопје кој вели дека интересот за приватно здравствено осигурување значително се зголемува.
„Сè повеќе граѓани го избираат приватното здравство како резултат на нивното разочарување од јавниот здравствен систем. Луѓето бараат брзи, квалитетни и сигурни здравствени услуги, и приватните клиники се единственото место каде тоа можат да го добијат“, изјави брокерот кој сакаше да остане анонимен.
Тој објаснува дека просечната цена за приватно здравствено осигурување варира, но обично изнесува од 300 до 1.000 евра годишно, зависно од видот на услугите и покривањето што го нуди полисата.
„За некои, ова е голем финансиски товар, но за други е неопходност за да добијат соодветна здравствена заштита“, додава тој.
Јавниот систем наспроти приватниот
И покрај растечкиот интерес за приватното здравство, многу македонски граѓани и натаму остануваат зависни од јавниот систем.
За нив, приватното здравство е недостапно поради високите трошоци, што значи дека мора да се потпрат на системот кој постојано се соочува со критики за недоволна ефикасност и квалитет.
Во меѓувреме, приватните клиники нудат модерна опрема, брз пристап до специјалисти и често подобри услови за пациентите.
Но, овие услуги доаѓаат со висока цена, која не е секогаш достапна за сите граѓани.
Така, здравствената нееднаквост помеѓу оние кои можат да си дозволат приватно осигурување и оние кои зависат од јавниот систем продолжува да расте.