Јапонскиот производител на автомобили, Нисан, соопшти дека е принуден да отпушти 9.000 вработени и да ја намали својата продукција за 20 проценти поради значително намалување на продажбата на своите возила.
Во претходниот квартал, Нисан забележа загуба од 9,3 милијарди јени (55 милиони евра), што претставува пад во споредба со профитот од 190,7 милијарди јени во истиот период минатата година. Компанијата пријави приход од продажба во првата половина од 5,98 трилиони јени (36 милијарди евра), што е намалување од 1 процент во споредба со над 6 трилиони јени во истиот период лани. Кварталната продажба се намали од 3,1 трилион јени на 2,9 трилиони јени (15 милијарди евра).
Моделите на Нисан не се продаваа добро во САД, еден од најпрофитабилните автомобилски пазари во светот, каде што неодамна доминираат Форд, Тојота и Тесла. Извршниот директор на компанијата, Макото Учида, изјави дека ќе си ја намали сопствената плата за 50 проценти како чин на преземање одговорност за лошите резултати. Учида призна дека Нисан не реагирал доволно брзо или флексибилно на глобалните промени, вклучувајќи ги промените во вкусовите на пазарот и зголемените трошоци за суровини. Тој најави дека сите аспекти на операциите и плановите на Нисан ќе бидат предмет на анализа.
Нисан ја намали својата прогноза за приходите од продажба за фискалната година до март 2025 година на 12,7 трилиони јени (76 милијарди евра) во однос на претходната проекција од 14 трилиони јени (84 милијарди евра). Компанијата очекува да продаде 3,4 милиони возила на глобално ниво во фискалната година што завршува во март 2025, што е помалку од претходно проектираните 3,65 милиони возила.