Согласно Законот за празници вторник, 1. Мај, е неработен ден за сите граѓани на Република Македонија. Сепак, за одреден дел од вработените во приватниот сектор, особено во малите фирми утрешниот ден ќе биде ист како и останатите бидејќи од нив ќе биде побарано да бидат на своите работни места.
Впрочем, истото се случува и за време и на остнаатите државни празници кои се прогласени за неработни денови според закон.
Во случај работодавачот да наложи утре да бидете на работа или за време на друг државен празник, должен е тоа да го пријави во Трудовата инспекција и да ви исплати празнична дневница.
Законот предвидува дека за работа во денови на празници и неработни денови утврдени со закон, работникот има право на надомест на платата што му припаѓа кога во тие денови не работи и платата за поминати часови на работа, зголемена за 50 отсто.
Ако при контрола од страна на трудовиот инспекторат е утврдено дека ваква дневница не била исплатена тогаш следи казна за работодавачот која може да биде во висина од 3.000 до 4.000 евра.