Читањето книги секако не е на листата на најпопуларни активности на денешните деца и млади. Згора на тоа, впечатокот дека со секоја нова генерација, по правило, се намалува интересот за „пишаниот збор“ го потврди и последното истражување на независната хуманитарна организација „National Literacy Trust“ објавено на крајот на октомври годинава, во кое се наведува дека во текот на 2024 година најмал е бројот на деца и млади кои изјавиле дека уживаат во читањето од 2005 година, кога организацијата почнала да го спроведува своето истражување.
Отсекогаш имало одреден број на деца кои чувствувале одредена одбивност кон читањето лектири во основното и средното училиште и кои во зависност од околностите наоѓале различни начини на денот на испрашувањето да се “извлечат“ пред предметниот наставник со позитивна оценка. Меѓутоа, и тогаш постоеше некоја литература надвор од училишната програма која можеше да предизвика интерес кај таквите деца. Од друга страна, се чини дека тоа денес го има се помалку.
Според наодите од истражувањето, само едно од три деца и млади луѓе на возраст меѓу осум и осумнаесет години изјавиле дека уживаат во читањето во слободното време во 2024 година, што е само 34,4 отсто од вкупниот примерок, што претставува пад од 8,8 процентни поени во последната година.
Во исто време, само еден од пет млади луѓе на иста возраст посочил дека чита нешто секој ден во слободното време во 2024 година, што организацијата го посочува како најниско ниво на зачестеност на читање забележано од 2005 година.
„Културата на читање е значително помалку негувана отколку што беше порано. Вниманието на децата го привлекуваат различните социјални мрежи на кои им се придружуваат, како и кратките текстови. За нив книгите се малку напорни и „ги замараат“ како што често велат. Не ги интересира такво размислување, долги реченици, памтење, зборување на тие теми. Побрзите облици на комуникација и размена на информации им се многу поблиски и почесто ги користат“, вели психологот Бранка Тишма за српски НИН.
Таа напоменува дека се помалку им се читаат бајки и приказни на децата пред спиење, а на училиште тоа стана само уште една „тешка ученичка должност“.
Извор: vecer.press