Граѓаните да внимаваат и да бројат до 5. Можат со картичка бесконтактно да платат 4 пати, на петтото плаќање ќе мора да внесат пин код. Истото ќе се случи и ако претходно испазариле сума над 9.000 денари. Станува збор за новина која функционира од октомври годинава. Но, никој не ги информирал граѓаните. Непријатни искуства имале повеќе граѓани кои се обратија до нашата редакција. Велат во странство при пари на картичка, останале без скршен денар.
„Бев неколку денови надвор од државата и останав без денар и покрај тоа што на сметката имав пари. После четири плаќања во маркет со картичката, секоја наредна трансакција, каде што требаше да платам, ми беше одбиена. Морав да позајмам пари од пријатели. Штом се вратив во Скопје, во банка ми рекоа дека после пет плаќања, бесконтактно морам да ја внесам картичката во банкомат за да го потврдам пинот. Во странство тоа секако не го направив за банкоматот да не ми ја собере картичката“, рече граѓанин.
Од Народната банка за ТВ 21 потврдуваат дека е така. Одлуката е во сила од јануари 2023 година, но била со одложена примена, за банките да имаат време да ги прилагодат своите ПОС терминали
„Во случаи доколку се извршени 4 бесконтактни платежни трансакции на 5-тата бесконтактна трансакција банката треба задолжително да побара внесување на пин код или доколку вкупниот износ на трансакциите во вкупен износ надмине 9000 денари. Појаснуваме дека со новата регулатива се обезбедува поголема сигурност во извршување на плаќањата и заштита на корисниците на платежни услуги и банките од познати сценарија на измама. Истите заштитни механизми се во сила во сите ЕУ членки, при што е направено прилагодување со најдобрите практики.“, велат од НБРМ.
Покрај ова, на бесконтактно продажно место мора да се внесе пин и доколку поединечната трансакција е над 3.000 денари. Од Народната банка објаснуваат дека се работи за подзаконски акт кој е донесен согласно новиот Закон за платежни услуги и платни системи.