Во македонската традиција, заштитата од урок отсекогаш била дел од народната култура, исполнета со ритуали, верувања и обичаи што се пренесуваат од колено на колено.
Урокот, како верување дека нечија злоба или завист може да предизвика несреќа, сè уште е длабоко вкоренет во секојдневието, особено во руралните средини.
Народните верувања и обичаи
Македонските обичаи за заштита од урок се разновидни. Најчесто се користат амајлии како црвени конци, монистра или медалјони, кои се врзуваат на децата или се носат како накит.
Освен тоа, голем дел од луѓето практикуваат и специфични ритуали, како што е посипување со светена вода, читање молитви или баење – техника што ја применуваат бајачките со зборови или гестови за „симнување“ на урокот.
„Во нашето семејство, секогаш врзуваме црвен конец на рачето на бебето. Се верува дека тоа го штити од лоши погледи и од завист,“ вели Наташа Стојанова, жителка на Кавадарци.
Духовниот аспект на заштитата
На оваа тема разговаравме со свештеник од Македонската православна црква-Охридска архиепископија кој објаснува дека заштитата од урок е дел и од христијанските практики.
„Црквата учи дека најдобрата заштита од секаков вид зло, вклучително и урок, е молитвата и духовниот живот. Читањето на молитвата за здравје, носењето крст или икона и честото одење в црква се начините на кои верниците се заштитуваат. Важно е да се има вера дека Бог штити од сè што не е од Него“, вели свештеникот.
Тој, сепак, предупредува дека не треба да се впуштаме во суеверија, туку да се потпреме на духовноста и на молитвите кои ни ги дала Црквата.
Психолошката перспектива
Психологот Сања Љубеновиќ нагласува дека верувањата за урок имаат и психолошка димензија.
„Заштитата од урок, всушност, може да има смирувачки ефект врз човекот. Овие ритуали даваат чувство на контрола над ситуациите кои наизглед изгледаат надвор од наша моќ. Од психолошки аспект, луѓето кои веруваат во урок, често имаат потреба од симболична заштита, што ја наоѓаат во ритуалите или во предметите како црвен конец“, објаснува Љубеновиќ.
Таа додава дека прекумерната опсесија со овие верувања може да доведе до анксиозност, па е важно луѓето да развиваат рационален пристап кон ваквите прашања.
Традицијата денес
Иако модерното време носи рационалност и научно објаснување, обичаите за заштита од урок се сè уште живи.
Во денешно време, тие се комбинираат со верски ритуали и психолошки техники за справување со стресот. Ова е потсетник дека традициите, колку и да изгледаат архаични, имаат значајна улога во културниот и емоционалниот живот на луѓето.
Во светот каде што научниот прогрес доминира, обичаите за заштита од урок остануваат дел од македонскиот идентитет, поврзувајќи го минатото со сегашноста и додавајќи вредност на културното богатство на нашиот народ.