Со почетокот на грејната сезона, многу домаќинства се соочуваат со проблеми поврзани со недоволно затоплување од централното парно. Ова ги принудува граѓаните да бараат алтернативни начини за дополнително греење, кое често се одвива преку електрични уреди.
Но, кој начин е најисплатлив, а кој може значително да ја зголеми вашата сметка за електрична енергија?
Проблеми со парното?
Не сите домаќинства имаат рамномерно затоплување од централното парно, што се должи на технички дефекти, лошо одржување или ниски температури на радијаторите. За да се справат со студот, многу семејства се потпираат на електрични радијатори, клима-уреди, грејни тела или термо-печки.
Според податоците што ги добивме од електричарот Гоце Николиќ, потрошувачката на струја за дополнително греење зависи од типот на уредот и времетраењето на неговото користење.
„Грејните тела што користат два киловати електрична енергија, ако се вклучуваат два часа дневно, ќе ја зголемат сметката за околу 3.000 до 5.000 денари за целата грејна сезона, која трае 180 дена“, вели нашиот соговорник.
Кој уред е најисплатлив?
Клима-уред: Клима-уредите се сметаат за најисплатлив избор за краткорочно греење, особено ако се користат два до три часа дневно. Просечен клима-уред троши околу два киловат-часови.
Според пресметките, користење клима-уред за два часа дневно чини околу 2.500 денари за цела грејна сезона. Но, ако се користи како основен извор на греење и работи по десет часа дневно, месечната сметка може да достигне 4.000 денари, што за целата сезона би чинело околу 24.000 денари.
Термо-печки: Одлично решение за одржување топлина, но треба внимателно да се планира нивната употреба.
„Најголемата грешка што ја прават граѓаните е што ја користат термо-печката преку ден кога струјата е скапа. Таа е најефикасна ако се полни ноќе, кога тарифата е пониска“, објаснува Николиќ.
Термо-печка која троши 2 киловати може да ја зголеми месечната сметка за околу 2.000 до 3.000 денари ако работи ноќе. Важно е да се користат тајмери за автоматско вклучување и исклучување.
Електрични грејни тела: Електричните радијатори и греалки се лесни за употреба, но нивната ефикасност зависи од просторот и времетраењето на користење. Греалка од два киловати која работи два часа дневно чини околу 5.000 денари за целата сезона, но за подолг период значително ќе ја зголеми потрошувачката.
Стручни препораки
Бобан Филипов, енергетски консултант, ги советува граѓаните да вложат во енергетска ефикасност.
„Добрата изолација на просторот е основа за економично греење. Без соодветна изолација, дури и најдобриот грејач ќе троши многу повеќе енергија. Инвестирањето во изолација може да ги намали трошоците за греење до 40%“, објаснува Филипов. Доколку сте приморани да користите дополнително греење, внимателно планирајте ја употребата на електричните уреди и максимално искористувајте ја ноќната тарифа.
Успешното затоплување на домот не мора да значи огромни сметки – клучот е во ефикасноста и правилниот избор.
Извор: denar.mk