Остана уште помалку од еден месец за исплата на регресот за годишен одмор. Годинава, К-15 за вработените во приватниот сектор ќе биде околу 16.800 денари, односно 40 отсто од просечната плата исплатена во последните три месеци, а за вработените во јавниот сектор – 11.000 денари.
Во Општиот колективен договор за стопанството стои дека кај работодавците кај кои настанале тешкотии во работењето, може да се утврди регрес за годишен одмор помал од износот утврден со Колективниот договор. Многу газди ја користат оваа недореченост во Општиот колективен договор и исплаќаат К-15 само по неколку илјади денари, појаснуваат од ССМ.
– Секој газда мора да исплати К-15, но доколку има финансиски проблеми, може да исплати помал износ од законски пропишаниот, кој изнесува 16.800 денари. Значи, фирмите што имаат економски тешкотии, што имаат загуби или, пак, имаат блокирана сметка, во спогодба со Синдикатот, може да договорат помала исплата од 40 проценти од просечната плата, износ што е прецизиран како најмал износ за регрес за годишен одмор. Минимумот се определува во договор со Синдикатот ако има фирмата финансиски проблеми. Но, нема долен лимит за колку може да се намали К-15, така што некои фирми што немаат можности да исплатат 16.800 денари, исплаќаат само по неколку илјади регрес за годишен одмор – изјави за весникот ВЕЧЕР Љупчо Радовски од Сојузот на синдикатите на Македонија.
Според него, доколку фирмата достави до Синдикатот погрешна сметка, односно ако утврди Државниот инспекторат за труд дека има пари на друга сметка и може да исплати К-15, ќе плати и казна и регрес за годишен одмор.
Некои фирми, во договор со Синдикатот, К-15 го исплаќаат на рати. Од ССМ велат дека и тоа е дозволено со цел одеднаш финансиски да не се оптовари фирмата, но, сепак, мора да се „запази“ минимумот. Што се однесува до максималниот износ, тука нема ограничување, односно некои може да исплатат К-15 во износ на три просечни плати, некои даваат и 13 плата, новогодишни бонуси…
К-15 за јавниот сектор годинава изнесува 10.992 денари, односно 11.000, а треба да го земат над 84 илјади вработени.
– Годинава, првпат на сите вработени во јавниот сектор ќе им биде исплатен К-15. Досега тој им се исплаќаше само на вработените во управата и во правосудството, а сега и на вработените во здравството, образованието… Износот што треба да го добијат е 30 отсто од просечната плата, односно 10.992 денари. Во некои компании од јавниот сектор има колективни договори, со кои е предвидено дека треба да се исплати поголем износ на К-15 од 11.000 денари – изјави за весникот ВЕЧЕР Трпе Деановски, претседател на Синдикатот на УПОЗ.
Тој информираше дека дел од фирмите во јавниот сектор веќе исплатиле К-15, а некои ќе го сторат тоа до крајот на наредната недела, односно до затворањето на трезорот на Министерството за финансии, на 25 декември.
Од ССМ апелираат до работниците да ги пријават сите неправилности околу исплатата на К-15 кај нив или во Државниот инспекторат за труд за да може навреме и соодветно да реагираат. Исто така, работниците треба да пријават и доколку е исплатен понизок износ од пропишаниот или ако воопшто не е исплатен регрес за годишен одмор.
За газдите што нема да им исплатат регрес за годишен одмор на своите вработени, Законот предвидува казна до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра за компанијата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во неа.