Со доаѓањето на зимските месеци и падот на температурите, многу граѓани се соочуваат со прашањето: дали да го остават греењето да работи постојано или да го користат само по потреба? Оваа дилема не е само прашање на комфор, туку и на ефикасност, заштеда на енергија и намалување на трошоците.
Според Бобан Филипов, енергетски консултант, одлуката зависи од повеќе фактори, како изолацијата на домот, типот на грејниот систем и навиките на домаќинството.
„Ако вашиот дом е добро изолиран, не мора да го греете просторот цел ден. Губењето на топлина е минимално, па системот нема да троши многу енергија за повторно загревање. Но, ако изолацијата е слаба, енергијата буквално бега низ ѕидовите, прозорците и низ покривот“, објаснува тој.
Постојано греење или тајмер?
Постојаното греење често се смета за практично, но дали е економично? Експертите предупредуваат дека оставањето на греењето вклучено на ниско ниво во текот на целиот ден може да резултира со повисоки сметки.
„Многу луѓе мислат дека е поевтино да го остават греењето постојано вклучено, но тоа е мит“, вели Филипов.
Со користење на тајмер, додава тој, можете да го подесите греењето да се вклучува само кога ви е навистина потребно, како пред да се вратите дома или рано наутро кога станувате од спиење.
Тој додава дека инвестицијата во тајмер за греење може да донесе значителна заштеда.
„Еден квалитетен тајмер чини неколку илјади денари, но на долг рок може да заштеди до 10% од трошоците за греење“, објаснува Филипов.
Голем дел од трошоците за греење се должат на слаба изолација. Доколку вашиот дом нема добра изолација, дури и најдобриот систем за греење нема да биде доволно ефикасен.
„Прв чекор за секое домаќинство е да ги провери прозорците и вратите. Ако има процепи, поставувањето завеси од дебел материјал може значително да ја намали загубата на топлина“, советува нашиот соговорник.
Тој препорачува и инвестирање во дополнителна изолација на ѕидовите и покривот, бидејќи тоа е долгорочна инвестиција. „Колку повеќе топлина останува во домот, толку помалку ќе мора да ја дополнувате со системите за греење“, објаснува Филипов.
Практични совети за оптимално греење
Експертите препорачуваат комбинација на тајмер и минимална постојана температура за оптимални резултати.
„Најдобро е да го поставите термостатот на 18-20 степени кога сте дома, а на 15-16 степени кога сте отсутни. Така, нема да дозволите просторот целосно да се олади, но и нема да трошите премногу енергија“, советуваат стручњаците.
За оние што користат електрични грејни тела, советот е да се изберат модели со ниска потрошувачка на енергија, додека за оние со парно греење или печки на пелети, редовното одржување е клучно за ефикасност.
На крајот, изборот на системот за греење зависи од вашиот буџет и животен стил. Со правилна изолација, употреба на тајмер и прилагодување на температурата, можете да уживате во топол дом без да ги загрозите вашите финансии.
Извор: denar.mk