Пушачите во Македонија трошат илјадници денари месечно за цигари, пари кои можат да ги искористат за подобрување на своето образование или за штедење со цел да инвестираат во својата иднина, како купување на недвижен имот.
Според истражувањето на Аналитика тинк тенк, просечниот пушач во Македонија троши помеѓу 5.000 и 6.000 денари месечно, што на годишно ниво достигнува високи суми. Овие трошоци, како што покажува анализата, претставуваат значителен економски товар. Ако тие пари се пренасочат на попаметен начин, пушачите може да го подобрат својот животен стандард и да придонесат за своето здравје и иднина.
Анализата покажува дека во текот на една година, пушачите трошат 66.000 денари, а за 20 години оваа сума изнесува 1.320.000 денари (~21.500 евра). За 30 години, оваа сума достигнува 1.980.000 денари (~32.300 евра). Со овие пари, пушачите можат да инвестираат во важни аспекти како што се здравствена грижа, образование, недвижен имот или создавање на финансиска стабилност.
Податоците покажуваат дека домаќинствата со пушачи трошат до 13,2% од својот буџет на цигари, што е значително зголемување во споредба со 10,3% во 2018 година. Ова ја влошува ситуацијата со сиромаштијата во Македонија. Исто така, се покажало дека пушачите имаат и поголеми трошоци за алкохол во споредба со непушачите. Македонија е меѓу првите 10 држави во светот по бројот на испушени цигари по пушач.
Извор: faktor.mk