Доколку имате желба да го видите природниот феномен на поларната светлина, универзалниот совет е: избегнувајте светлосно загадување и барајте височини. Меѓутоа, за да ја видите убавината на поларната светлина онака како што треба – упатете се кон северот на континентот, пишува „Гардијан“.
Северните светла неколкупати го обоија небото низ Европа оваа година, дури и стигнаа до нашиот регион, а експертите предвидуваат дека 2025 година ќе биде одлична година за набљудување на овој природен светлосен спектакл.
Условите за појава на природниот феномен, познат како поларна светлина, беа одлични на крајот на 2024 година, а тоа ќе продолжи и во текот на следната година.
Аурорите, кои најчесто се гледаат на географските широчини во близина на половите на Земјата, но можат да се протегаат и на југ, се главно под влијание на геомагнетни бури кои потекнуваат од активноста на Сонцето.
Ова се најдобрите места за да се види поларната светлина во следните 12 месеци во Европа.
Исланд
Најдобро време да се види Северната светлина во Исланд е помеѓу септември и април, кога е студено, воздухот е сув, а небото е темно и ведро. Колку е потемна ноќта, толку е поголема шансата да се видат светлите бои на поларната светлина.
Норвешка
На северот на Норвешка е темно од попладне до доцна наутро. Тогаш северните светла го покриваат небото. Овој дел од Норвешка, со многуте острови, длабоките фјордови и стрмните планини, е еден од најубавите и најинтересните пејзажи во светот каде што можете да ја видите поларната светлина.
Финска
Најдобро време да ги посетите северните делови на Финска за да ги видите аурорите е помеѓу август и април. Додека зимата е најпопуларното време за „ловење на поларната светлина“, есента и пролетта се всушност најактивните периоди на феноменот. Северна Лапонија е осветлена од аурори речиси секоја втора јасна ноќ помеѓу септември и март, додека во јужна Финска тие се видливи само околу 10 до 20 ноќи годишно. Ако се упатите на север кон Арктичкиот круг и ноќното небо изгледа јасно и ѕвездено, имате добри шанси да ја видите Северната светлина. Останете подалеку од силни светла и згради – врвовите на ридовите и езерските брегови се добри гледни точки.
Шкотска
Северна Шкотска лежи на иста географска ширина како норвешкиот град Ставангер и островот Нунивак на Алјаска, што значи дека има добри шанси да се забележи танцот на боите на небото и оттаму.
Кога станува збор за шкотскиот архипелаг Хебриди, поларната светлина може да се види на островот Луис и Харис, како и на најсеверниот дел на островот Скај. Понатаму на север, поларната светлина може да се види на Шетландските Острови, Оркни и областа Кејтнес. Одлични локации за да ѕирнете во поларната светлина се градовите и селата на западниот и северозападниот брег на Шкотска.
Гренланд
Поларната светлина, всушност, се јавува во текот на целата година, но не може да се види во текот на летните месеци на Гренланд поради таканареченото полноќно сонце. Најдоброто искуство на поларната светлина ќе биде за време на темни, но ведри ноќи во периодот од септември до почетокот на април. Доколку патувате во овој период, поларната светлина можете да ја видите од каде било, додека на југот на Гренланд може да се види веќе на крајот на август.
Шведска
Веќе на почетокот на септември, поларната светлина почнува да се појавува во Кируна, град на крајниот север на Шведска. Небото оживува додека ленти од розова, зелена и виолетова боја „танцуваат“ високо над земјата.
И кога зимата целосно ќе настапи, што е околу јануари, поларната светлина ќе може да се види низ шведската Лапонија – огромна област на северот на Шведска, која покрива речиси една четвртина од земјата. На крајот на март и почетокот на април, љубителите на поларната светлина ја имаат последната шанса да ги видат небесните шари.