2БА продукција, Види Вака раскажувачко студио и Георги М. Унковски го најавуваат враќањето на легендарниот образовно-забавен бренд „Бушава азбука“ со новогодишната песна „Бушава Нова година“.
Песната е дел од новата серија „Буквождер“, анимирано продолжение и приказна за буквите и за македонскиот јазик од легендарната „Бушава азбука“.
„Бушава Нова година“ ја пеат хероите од „Буквождер, „Бушавковци“ чии гласови ги позајмуваат Ивана Павлаковиќ, Ангела- Александра Ивановиќ и Дамјан Цветановски. Музиката е на Георги Шарески, текстот на Мите Кузевски, а во адаптација помогнаа Горан Игиќ и Георги Шарески.
Анимираната серија е креативно водена од Слободан Унковски и Синоличка Трпкова, додека Георги М. Унковски е режисер и продуцент. Сценариото го потпишува Калија Киселичка. Во анимацијата се користат оригиналните илустрации на Душан Петричиќ од 1985 година, заедно со нови адаптации на илустраторот Томи Џуровски.
По двегодишни обиди за поддршка, проектот е финансиран од сопствени средства на копродуцентите, со планирана јавна кампања за собирање дополнителни средства.
Серијата „Буквождер“ ќе биде премиерно емитувана во 2025 година, означувајќи нова етапа за „Бушава азбука“ и „Бушав универзум“. Дополнително, во тек се обиди за реализација на „Бушав буквар“, продолжение на серијата, за кое сценариото го започна легендарниот Горан Стефановски, а го доврши Марјан Алчевски.
Извор: nezavisen.mk