Последен пат содржината на оваа амајлија била прочитана пред 1.800 години, кога христијанството се сметало за култ во подем. Сега научниците конечно го дешифрираа „франкфуртското сребрено писмо“ – 18 линии врежани во тенко парче фолија, сместени во заштитна амајлија, пишува „Дејли мејл“.
Долга 3,5 сантиметри и стара 1.800 години, оваа сребрена амајлија е пронајдена со човечки скелет во гробница на периферијата на Франкфурт, Германија.
Истражувачите користеле компјутерска томографија за „дигитално да одмотаат“ многу тенка фолија и да го прочитаат написот на неа за прв пат од 3 век.
Неверојатно, но тој текст го претставува најстариот познат доказ за христијанството северно од Алпите, од времето помеѓу 230 и 270 г.
Во тоа време, христијанството сè уште се ширело низ Европа од неговото историско потекло на Јудеја на Блискиот Исток. Опишан како „целосно христијански“, латинскиот текст зборува за Господ Исус Христос, Синот Божји, како и Свети Тит, ранохристијански мисионер и црковен водач. Овие неверојатни откритија беа предводени од Центарот за археологија Лајбниц во Мајнц и објавени од градот Франкфурт.
„Со помош на скенирањето, успеавме да скенираме со многу висока резолуција и да создадеме 3Д модел“, реклe археолозите.
Сребрената амајлија е откриена во 2018 година на северозапад од Франкфурт во областа на поранешниот римски град Нида, претходникот на модерниот Франкфурт. Пронајден е во гробот на човек кој исто така бил закопан со сад за темјан и бокал од печена глина, веројатно лични предмети на тој поединец.
Амајлијата му била под брадата и експертите веруваат дека ја носел на јаже околу вратот за заштита во задгробниот живот. Важно е да се каже дека гробот е пронајден од времето помеѓу 230 и 270 година, кога христијанството постојано се ширело, но беше предмет на прогон. Во тоа време, владејачките религии беа јудаизмот и паганизмот – и беше ризично да се претставиш како христијанин.
Дешифрирањето на 18-те редови текст го водеше професорот Маркус Солц, археолог од Универзитетот „Гете“ во Франкфурт. Тенката фолија беше премногу кревка за едноставно да се одвиткува откако долго време била во земја. Ова е причината зошто се користи техника на снимање со рендген. Поединечни сегменти од снимката биле споени еден по еден додека зборовите не станаа видливи, иако сè уште има празнини во текстот.
„Поканив експерти за историја и теологија, меѓу другите, и заедно пристапувавме на текстот, дел по дел и на крајот го дешифриравме“, рекол Солц.
„Покрај тоа што носителот на амајлијата бил посветен христијанин, необично е и тоа што натписот бил целосно на латински. Таквите записи обично биле пишувани на грчки или хебрејски“, додал Солц.
Исто така, до 5 век амајлиите направени од скапоцени метали од овој тип секогаш содржеле мешавина од различни религии, како што се влијанијата на јудаизмот или паганството. Сепак, експертите ја опишуваат оваа амајлија како „чисто христијанска“, бидејќи нема пагански референци како демони или елементи на јудаизмот.
На крајот, најголемото изненадување е локацијата и староста на амајлијата и човекот кој очигледно ја сметал својата христијанска вера толку важна што ја однел со себе во гробот.
Вакви рани, автентични докази (помеѓу 230 и 270 н.е.) за чистото христијанство северно од Алпите никогаш порано не постоеле. Експертите веруваат дека ова е „првиот христијанин северно од Алпите“, иако фактот дека овој поединец постои сугерира дека би можело да има повеќе историски христијански погребни места низ Европа кои допрва треба да се откријат.
„Амајлијата и фолијата претставуваат научна сензација што ќе ја принуди историјата на христијанството во Франкфурт да се врати околу 50 до 100 години наназад. Првиот христијанин северно од Алпите е од нашиот град – можеме да се гордееме со тоа, особено кога Божиќ е толку блиску“, изјавил градоначалникот на Франкфурт.