Поголем дел од Скопје остана без вода утрово, откако започна најавената санација на главниот градски цевковод. Оваа сложена интервенција, според надлежните, е неопходна за долгорочното решавање на проблемите со водоснабдувањето. Од „Водовод и канализација“ уверуваат дека санацијата ќе биде завршена во рок од 15 часа, додека Институтот за јавно здравје упати препораки до граѓаните за рационално користење на водата и обезбедување на доволни резерви.
Без вода ќе бидат најголем дел од населбите низ градот, освен Чаир, Бутел, Радишани, Пластичарска до Американската амбасада, Визбегово, Бардовци, Железара, Автокоманда висока зона, Ѓорче Петров од СП Планет, Сарај, Шуто Оризари, Топанско Поле, Новоселски Пат, населба Даме Груев, Кисела Јабука, Стопански Двор, Волково и Орман.
За санирање на дефектот се запира водата од главниот цевковод Ф-1600, а покрај тоа, ќе се работи и на уште три локации каде што има дефекти на затварачи долж истиот цевковод.
Од „Водовод и канализација“ информираат дека е подготвен детално разработен оперативен план за брза и ефикасна санација, со цел минимизирање на непријатностите за граѓаните. Во меѓувреме, продажбата на флаширана вода забележа значителен пораст изминатите денови.
Извор: 4news.mk