Во Кавадаречко Михајлово е изграден нов ски центар, кој свечено ќе биде отворен на 1 јануари, информираа од Кабинетот на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.
Градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев информираше дека се вршат последните подготовки пред официјалното отворање на скијачкиот центар „Михајлово“ кое ќе се одржи на 1-ви јануари 2025 година. Од општината нагласуваат дека овој проект ѝ донесува на Македонија современ скијачки центар, сместен во срцето на Кожуф планина.
Покрај природниот снег кој изминативе денови го покри Михајлово и сеуште паѓа, се подготвува и дополнителен вештачки снег со топови. Со четири возила се чистат патните правци кон селата Страгово, Бохула, Чемерско, Михајлово и Мрежичко, со цел безбедно одвивање на сообраќајот за сите кои гравитираат во овие делови.
Минатиот месец, Јанчев објави дека овој скијачки центар ќе располага со ски-лифт во должина од 370 метри и капацитет од 600 лица на 1 час, скијачки појас со капацитет од 800 лица, четири сезонски вртелешки, мобилна пумпа, црево со висок притисок 5 броја по 20 метри мах 20 бар, филтри 4 броја, хидрант 4 броја, снежни топови 2 броја и заштитна мрежа 20 броја.
Првата ски-патека ќе го носи името „Македонија“.
Инвестицијата за овој центар се донација од 231.660,00 евра, од кои 115.000,00 евра се средства донација на Комерцијална банка, а 115.000,00 евра се донација од Кожувчанка ДОО.