Кога конечно ќе ве повикаат на интервју значи дека сте чекор поблиску до добивање на работата од вашите соништа. Поради тоа треба добро да се спремите и да дадете се од себе за да оставите позитивен впечаток. Доколку навистина сакате да се издвоите од останатите кандидати експертите велат дека постојат одредени клише одговори кои треба да ги избегнувате.
Ова се седумте најлоши одговори што можете да ги дадете на едно интервју, совети како истите да ги подобрите и да покажете зошто вие сте совршениот кандидат.
"Кажи ми нешто за себе"
Детали за вашиот семеен живот или медицинската историја не треба да бидат тема на интервјуто. Тука сте за да зборите за вашите знаења и вештини и да го убедите потенцијалниот работодавач зошто сте идеалната личност за позицијата.
"Што знаеш за нашата компанија?"
Доколку пред интервјуто не ја истражите компанијата интервјуерот ќе ве доживее како личност која е мрзлива и не е доволна сериозна, а вас тоа секако нема да ви оди во прилог. При одговарање на ова прашање избегнувајте очигледни детали и немојте никако да го прескокнувате директниот одговор. Фокусот ставете го на нивните производи или услуги, нивниот целен пазар како и нивниот бизнис модел. Истражете подетално и не се задржувајте само на најосновните информации за компанијата.
"Која е твојата најсилна страна?"
Одговорот од типот "Јас сум тимски играч" е премногу општ и не дава никакви детали за вашите уникатни квалитети. Бидете поконкретни за тоа на кој начин соработувате со вашите колеги и зошто мислите дека е од клучно значење да се развијат овие врски и односи. Дајте примери од вашето претходно работно искуство. На овој начин ќе се создаде можност за интервјуерот да ве запознае подобро, а на вас ова ќе ви биде шанса да се покажете во добро светло и да добиете на предност.
"Која е твојата најголема слабост?"
"Премногу работам" или "Перфекционист сум" се одговори кои треба да заминат во историјата. Сите сакаат работник кој е посветен на својата работа или вработен кој секогаш ќе се труди да ја заврши работата без ниедна грешка. Но, ваквиот одговор го има спротивниот ефект. Бидете искрени. Не е страшно доколку сметате дека постои вештина на која треба да работите и за која сметате дека треба да ја доразвиете. Ваквиот одговор ќе покаже дека сте свесни за сопствените способности, но исто така и дека сте подготвени за константна надградба.
"Каде се гледаш себеси за 5 години?"
Доколку сакате да покажете посветеност и кажете дека се гледате на истото место, вие всушност ќе проектирате недостаток на амбиција. Ова прашање ви е можност да покажете дека сте личност која сака да напредува во животот, но истовремено и дека сте лојален вработен.
"Зошто сакаш да работиш тука?"
Не пробувајте да дадете навидум смешен одговор како што е "Бидејќи ми треба работа". Не оставајте простор во ниту еден момент работодавецот да помисли дека не треба да ве вработи. Затоа, секогаш одете подготвени и со доволно истражени информации за целите на компанијата. Ова ќе даде можност да ги спомнете вашите знаење и вештини и да покажете дека тие се во склоп со нивната мисија, односно цел.
"Зошто да те вработам на оваа позиција?"
Уште еден погрешен одговор е "Бидејќи имам пасија за оваа работа". Станува збор за целосно генеричен одговор кој не ви помага да се издвоите од останатите кандидати. Наместо тоа, покажете ја страста на поинаков начин. Дискутирајте за мерливите резултати што сте ги добиле за другите организации преку вршењето на вашата работа и обезбедете директни примери.