Куќа со двор и гаража, што поблиску до работа, градинка или училиште. Тоа уште е сон за многумина во Германија. Но, неодамна само мал дел од нив успеале да го постигнат. На крајот, тоа се одрази на цените: по години постојан раст на цените на недвижностите, тие конечно паднаа во 2023 година. Затоа што малку луѓе можеа да си дозволат да купат дом. Ова беше историски пад - најголем во последните 60 години.
Но, тој тренд сега престана. Цените полека се зголемуваат повторно, вели експертот за недвижности Михаел Фоигтлендер од Германскиот економски институт: „Ова е поврзано со подобрувањето на општите услови и благ пад на каматните стапки“. И со зголемувањето на цените за изнајмување. Овие трендови продолжуваат“.
Атрактивни цени
Локацијата останува одлучувачки, но и ограничувачки фактор при купување недвижен имот. Разликите се огромни: ако барате семејна куќа од околу 120 квадратни метри со гаража во Минхен, во просечен или малку подобар станбен дел, треба да се пресметате со цена од околу 1,6 милиони евра, според пресметките на градежната компанија LBS. Во Мајнц ваква куќа чини околу 750.000 евра, а во Магдебург околу 300.000.
Предкризното ниво на пазарот на недвижности во 2023 година сè уште не е достигнато, нагласува Јорг Утехт, претставник на компанијата за кредитни услуги Interhyp. Цените во цела Германија во моментов се во просек уште пет проценти под највисоките вредности, вели Утехт и додава дека затоа цените сега се „атрактивни“.
Каматите полека паѓаат
За динамиката на пазарот на недвижности клучна е и монетарната политика на Европската централна банка (ЕЦБ). Во текот на 2024 година, ЕЦБ четири пати ги намали каматните стапки, последен пат на ниво од три проценти. Тоа се одрази и во кредитното работење на банките.
Просечната каматна стапка на десетгодишниот заем на крајот на 2024 година во Германија беше меѓу три и три и пол проценти. Во 2023 година достигна врв од над четири проценти. За купувачите на недвижности оваа разлика е огромна, вели Јорг Утехт: „Станува збор за неколку стотици евра месечно, а на годишно ниво е неколку илјади евра помалку од она што е платено во 2023 година“.
Сè уште проблеми со новоградбите
Сето ова значи дека пазарот на недвижности повторно станува подинамичен. Но, тоа исто така значи дека купувањето недвижен имот сè уште е тешко да си го дозволат многумина во Германија, особено во големите градови. Проблематично е и тоа што динамиката не ги допира сите сегменти.
Посебно загрижуваат новоградбите. Сегашната германска влада очигледно не успеа да ја постигне целта што си ја постави - изградба на 400.000 нови станови секоја година. И претставникот на Interhyp, Јорг Утехт, и економскиот експерт Михаел Фоигтлендер ја повикуваат идната германска влада да обезбеди повеќе стимулации. На пример, вели Утрехт, преку даночни олеснувања за недвижности или преку забележително зголемување на субвенциите за нови градби.
За купување недвижен имот често не доаѓа предвид поради недостаток на почетен капитал, истакнува Voigtländer. И нагласува дека итно е потребен дополнителен стимул за изградба на станови.
„Јасно е дека активноста за изградба на станови мора да се зголеми“, вели експерт од Германскиот економски институт.
Извор: kajgana.com