Најважниот дел од интервјуто е почетокот. Тогаш имате можност да оставите одличен впечаток. Некои работодавачи велат дека знаат уште во првите 30 секунди дали кандидатот има шанси да стане дел од тимот или не. Веројатно имате малку повеќе време од тоа, но сепак е многу важно да оставите добар впечаток во првите неколку минути од интервјуто. Како и за секоја работа, така и за ова постојат одредени работи што треба да ги избегнувате и одредени работи на кои треба да обрнете поголемо внимание.
Ова се неколку брзи и лесни совети за тоа како да ги импресионирате луѓето кои ги среќавате кога сте интервјуирани за нова работа.
Вежбајте. Вежбањето дефинитивно ќе ви помогне да оставите добар впечаток. Денот пред интервјуто прегледајте ги прашањата кои работодавачите најчесто ги поставуваат и размислете како би одговориле на нив. На овој начин, ќе бидете поспремни и посамуверени на самото интервју.
Облечете се соодветно. Можеби ова не треба да биде кажано бидејќи се подразбира, но немојте никогаш да се дотерате премногу или да изгледате како да не ви е гајле. Секогаш облекувајте се соодветно и потрудете се да оставите впечаток на доволно сериозна личност.
Истражете. Немојте никогаш да се појавите неспремни на интервју. Истражете се што можете за компанијата. На овој начин ќе покажете дека сте доволно заинтересирани за позицијата и ќе добиете на предност.
Проверете го огласот. Видете го повторно огласот на кој сте аплицирале и погледнете што точно компанијата бара од својот нов вработен. Потоа, погледнете ја вашата биографија и видете што вие можете да му понудите на потенцијалниот работодавач.
Не претерувајте со парфемот. Избегнувајте парфеми со тежок мирис и обрнете внимание на количината што ќе ја ставите. Умереноста секогаш е правата мерка.
Обрнете внимание на поздравот. Кога ќе се ракувате со интервјуерот тоа нека биде силен стисок, но не премногу, и секогаш гледајте во личноста додека се поздравувате. Избегнувајте погледот да ви биде свртен на страна или да гледате доле.
Смејте се. Немојте да бидете намуртени за време на интервјуто. Блага насмевка е сосема во ред. Истражувањата покажуваат дека позитивните луѓе со силни интерперсонални вештини имаат поголеми шанси да ја добијат работата.
Не паничете. Колку и да сметате дека сте подготвени за интервјуто, секогаш може да ви биде поставено прашање кое не сте го очекувале. Запомете: интервјуата сами по себе се стресни и немојте да мислите дека и самите интервјуери не го знаат тоа. Треба само да се смирите, да земете здив и да одговорите најдобро што можете.
Покажете ентузијазам. Покажете страст и ентузијазам за она што го правите и за тоа што би сакале да го правите. Добро е да му дадете на знаење на интервјуерот дека ја сакате својата работа и дека сте возбудени поради оваа можност.
Споделувајте. Немојте да дозволите на интервјуто да зборите само за вашите квалификации и вештини. Потрудете се да споделите примери од вашето работно искуство. Не постои подобар начин да му дадете приказ на интервјуерот за тоа како вие си ја вршите својата работа. На овој начин ќе покажете што навистина можете да правите, а со тоа и да си ја зголемите шансата да ја добиете посакуваната позиција.