Брашно, сол, шеќер, масло за јадење, конзервирана храна се залихите кои жителите на планинските села ги набавуваат уште во есенските месеци, со цел да бидат спремни во случај на долга и снежна зима. Оваа навика ја имаат со години. Додека времето е убаво, се спуштаат во градовите и купуваат храна. Периодов, повеќе села во земјава се завеани и отсечени од цивилизацијата.
„Ние знаеме дека ќе падне снег и ги имаме набавено основните продукти. Селото е на 1.400 метри надморска височина. Сите имаме брашно, масло, шеќер, сол. Со години така сме навикнати. Ако државата не се грижи како што треба за граѓаните, мораме да се организираме. Во селото има над 60-70 цм снег, и патот е очистен провизорно, но не сме задоволни. Не е добро очистен. Не дај боже во случај на болест или други несакани работи, патот треба да е чист. Многу треба да се поведе сметка, посебно за Броштица. И до училиштето не е исчистено. Ситуацијата во Броштица е алармантна. Завеани сме. Со лопати, од едниот крак 10-15 луѓе, и на другиот исто толку, чистиме. Ние сме на 14 км од градот Дебар“, вели Казафер Емруловски, жител на селото Броштица во Центар Жупа.
Оние што чуваат добиток, имаат млеко, месо, сопствени млечни производи. Храната не е проблем, но проблем е како би стигнале до градот ако имаат потреба од здравствени услуги.
„Нормално дека секој што живее во планина, си има залихи и тоа брашно, шеќер, основни продукти за прехрана, луксуз не. Не можеме да трупаме претерано храна, оти производите си имаат рокови. Во селото немаме продавница. Храната ја купуваме во Дебар. Во почетокот на декември си формираме залихи. Блиску сме до главниот пат и не сме критични. Кај нас 90 отсто од патот е прооден“, вели Доста Тортевска, од селото Јанче.
И туристичкото место Галичник зимата ја мина под дебел снег. Патот уште не е расчистен.
„Патот е уште завеан до Галичник. Специфичен е теренот таму, има висока снежна покривка. Не мора да врне нов снег, доволно е да дува ветер и се формираат нови наноси на патот од постоечкиот снег. Основни продукти сите си купуваат, оние што се таму и оние што планираат да поминат време во Галичник. Јас имам оставено основни продукти како брашно, масло, макарони, конзерви, риба. Имам повеќе залихи горе отколку овде во Скопје. Во ноември веќе треба да си имаат залихи, да биде завршено снабдувањето. Минатите зими тој патен правец успеавме да го одржуваме прооден, но сега не е така. Оваа година е различна од претходните. Од „Македонија пат“ имаше обиди да се исчисти, но поради висината на обвивката и специфичноста на теренот, невозможно е според мене засега да се исчисти“, раскажува Александар Костиќ, претседател на месна заедница во селото Галичник.
Центарот за управува со кризи(ЦУК) деновиве извлекуваше завеани лица во кочанско. На Попова Шапка и во Маврово има повеќе од половина метар снег. Снег ќе вее до среда, а потоа ќе има стабилно и суво време. Во целиот регион има снежно невреме.