Над 600 граѓани, меѓу кои најголем број млади лица кои се на зимски распуст, го искористија бесплатниот превоз до скијачките центри Нижеполе и Копанки, организиран од страна на Општина Битола во соработка со ЈП Пелалинки.
Денес, 17.01.2025 е последниот ден од реализацијата на оваа еднонеделна активност, која со голем интерес беше прифатена од страна на граѓаните, а за која младите со позитивни впечатоци, раскажуваа за време на денешната посета на градоначалникот Тони Коњановски, на скијачкиот центар Нижеполе.
Општина Битола, во соработка со ЈП Пелалинк, ЈП „Стрежево“, Хотелот „Молика“ и со поддршка од приватниот сектор „МИГ Травел“, организираше бесплатен превоз за сите љубители на снежната природа. Повеќе од 350 посетители уживаа во Ски центарот „Нижеполе“, а над 250 го посетија Хотелот „Молика“ и Копанки како дел од активностите за зимскиот распуст.
„Се надеваме дека ваквите активности ќе продолжат и во наредните години, како и за време на летниот распуст, бидејќи е важно сите, и децата и возрасните, да се одморат од градската гужва и да уживаат во природата. Благодарност до сите што ја поддржаа оваа иницијатива и посебна благодарност до граѓаните што ја прифатија. Очекуваме уште многу вакви моменти заедно,“ изјави градоначалникот на Битола
Ваквиот начин на функционирање создаде можност за сите вљубеници во зимските спортови, но и за оние кои сакаат зимски прошетки во чиста и убава природа, без дополнителен трошок и без потешкотии за организирање на превоз, да стигнат до скијачките центри и да уживаат во снежните убавини на Нижеполе и Копанки. Од друга страна на овој начин се зајакнува љубовта на младите кон природата, но и нивната одговорност.
Извор: netpress.com.mk