Сакаме или не – тоа е нешто што навистина го правиме, учиме целиот живот. Учењето е дел од нашата природа и благодарение на него се приспособуваме на промените, ги менуваме однесувањата, ставовите, ги усовршуваме вештините. Ајде само за момент да замислиме дека доаѓаме на овој свет и, на некое чудо, не сме научиле ништо ново. Би ги имале инстинктите, но не би знаеле како да ги задоволиме, не би знаеле како да се прехраниме, да се заштитиме, да се движиме, да комуницираме.
Добро, можеби ова е драстичен пример, но ако се оддалечиме малку и успешно ги совладаме основните потреби за храна, сон и сигурност, на што понатаму тежнееме? Тука стапуваат на сцена „потребите од изобилство“, и тоа се:
- потребата да сме прифатени (да припаѓаме на одредено општество) и сакани,
- потребата за почитување (самопочит и почитување од околината),
- потребата за самоостварување (желба да бидеме она што сме, да ги развиеме своите способности во целост).
Како ги задоволуваме овие наши нови потреби, оние што имаат свои дефиниции, но повеќето од нас ги чувствуваат само нагонски? Со учење. На пример, уште како мали сакаме да бидеме прифатени, сакани, да припаѓаме на одредена група. Гледаме како тоа се постигнува, но ја гледаме и другата страна – ги гледаме оние што не го постигнуваат тоа. Одлучуваме како и што ќе направиме и тоа учење преку набљудување го применуваме во животот. Понекогаш ќе згрешиме, па и од тоа ќе научиме нешто, понекогаш ќе ни требаат повеќе грешки и време. Сето тоа е процес на учење.
Таквото учење денес го нарекуваме неформално учење и тоа нè следи во текот на целиот живот. Познато е и како „училиште на животот“. Учимe преку набљудување, искуства и активности, без одредена структура и план, но тоа е знаење што нè следи и често претставува најголемиот дел од знаењето што човекот го стекнува во текот на животот.
Истовремено, трае и нашето формално учење. Училиштето ја презема улогата на нашите учители, нè образува и нè подготвува за пазарот на труд. За училишниот систем може да се пишува многу, но во овој момент акцентот го ставаме на позитивните страни на формалното образование, а тоа се:
- Јасно дефиниран и систематичен пристап кон учењето, со планови и цели што градат основни и специјализирани знаења.
- Дипломи и сертификати што се широко признати и отвораат врати за професионални можности.
- Развивање на социјални вештини преку интеракција со врсници и наставници.
- Пристап до ресурси и експерти.
И сега кога поминавме низ сето она низ што речиси сите поминуваме, се враќаме на делот што изгледа како изборен предмет во училиштата, а никако не е – неформалното учење.
Што очекуваат работодавачите?
Сигурно сме слушнале за време на школувањето дека ќе треба да учиме цел живот, но тоа го туркаме во потсвеста, не сакаме да размислуваме дека НАВИСТИНА ќе треба да учиме и по дипломирањето или завршувањето на школувањето. Преплавени од книги, факти, години, имиња, теореми, хипотези, формули – ни треба одмор и надеж дека сето тоа ќе се исплати многу брзо. Можеби ќе се исплати, но денес работодавачите ги ценат и оние вештини за кои не сме слушнале за време на формалното образование.
Што сакаат да видат? Работодавачите денес бараат „Т-профил“ вработени – луѓе со длабоко стручно знаење во одредена област (вертикала) и широк спектар преносливи вештини (хоризонтала). Очекуваат приспособливост, проактивност и емоционална стабилност, како и склоност кон соработка и креативност во работата. Од вештините, клучни се техничките и дигиталните компетенции, јасната комуникација, решавањето проблеми и способноста за управување со тимови и време.
Пожелни се и стручни знаења, разбирање на бизнис-процеси, познавање на странски јазици и интеркултурна свест. Овие вештини се развиваат во текот на животот и со помош на неформални обуки, курсеви, предавања и тренинзи. Инвестирањето во сопствениот личен развој е повеќекратно исплатливо и ја зголемува конкурентноста на пазарот.
Претприемачки дух и учење
Дури и ако имате претприемачки дух и сакате да основате сопствена фирма, ќе ви биде потребен уште поширок сет на знаења: претприемачки начин на размислување, вклучувајќи упорност, креативност и способност за донесување одлуки, како и основни знаења од финансиите, правните аспекти и пазарните анализи. Клучни се и вештините за продажба, маркетинг, лидерство и управување со тим, заедно со познавање на дигиталните алатки и технологии. Умрежувањето, преговарањето и одржувањето односи со клиентите дополнително придонесуваат за успехот во развојот на бизнисот.
Делува застрашувачки? И е на прв поглед, но повеќето од споменатото можете да го совладате во првата година од кариерата, а потоа сè ќе стане полесно, и повторно ќе бидете „во тренинг“ и желни за нови знаења.
Не заборавајте, возрасните учат она што сакаат, во што гледаат цел и практична примена. Почнете од тоа. Вашиот прв чекор нека биде стекнување нова вештина што ве интересира, запишете се на курс, завршете го, добијте сертификат и со зголемена самодоверба – направете го следниот, полесен чекор.
Учењето е промена, а мотивацијата е циклус. Затоа се враќам на првата реченица: ние секако учиме во текот на целиот живот, но уште поубаво е кога во таа промена наоѓаме смисла.
Таа смисла треба сами да ја определиме.