Данската престолнина Копенхаген и шведскиот град Малме ги поврзува уникатен пат – осум километри долг мост Ересунд, кој на вештачкиот, Биберов остров, преминува во подводен тунел.
Ересундскиот мост е еден од најфасцинантните мостови во светот, бидејќи претставува комбинација од мост и (подводен) тунел, а за потребите на неговата изградба е создаден и цел вештачки остров.
Воедно, ова е и најдолгиот мост во светот кој ја преминува државната граница.
Ересундскиот мост или Ересундската врска е наменет за друмски (четири ленти) и железнички сообраќај (два колосека) и претставува најдолгиот комбиниран мост-тунел од ваков вид во Европа.
Идејата за поврзување на двата брега преку Ересундскиот теснец постоела уште пред Втората светска војна, но била отфрлена. Подетално била проучувана повторно во 1950-тите и 1960-тите години од владите на Шведска и Данска, но во 1970-тите повторно била отфрлена поради економската ситуација и загриженоста за природата и последиците што изградбата би можела да ги има врз неа.
Конечно, според проектот на данскиот архитект Џорџ К.С. Ротне од компанијата „COWI“, изградбата започнала во 1995 година. Последниот дел бил поставен во 1999 година, а мостот-тунел официјално бил отворен на 1 јули 2000 година.
Мостот се протега од Малме до вештачкиот остров Пеберхолм (Остров Бибер, кој го добил името затоа што се наоѓа веднаш до природниот остров Салтхолм, што значи Сол), сместен на средината на теснецот. Овој остров е изграден од материјал ископан од морското дно за време на изградбата на мостот.
На тој остров, мостот преминува во тунел со вкупна должина од четири километри, од кои три и пол километри се наоѓаат под морската површина. Тунелот се состои од пет помали тунели, од кои четири се наменети за друмски и железнички сообраќај, а петтиот е за евакуација.
Овој мост годишно го преминуваат повеќе од 20 милиони луѓе, најчесто оние што живеат во Шведска, а работат во Данска, и обратно. Како изгледа возењето по овој мост, погледнете во видеото.
Извор: eupravozato.mondo.rs