Во декември 2024 година трошоците на земјоделците се зголемиле за 2,4% во споредба со истиот месец во 2023 година, додека цените на земјоделските производи пораснале за 20,3%, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика. Разликата помеѓу влезните трошоци и продажните цени е значителна и трае веќе подолг период.
Во растителното производство цените пораснале за 23,3%, со најголем раст кај зеленчукот (64%), индустриските растенија (15,3%) и виното (15,1%). Во добиточното производство има зголемување од 11,9%, додека кај житата и оризот цените се намалиле за 7,5%.
Во однос на трошоците, пораст е евидентиран кај ветеринарните услуги (18,3%), енергијата и горивата (1,2%) и добиточната храна (5,1%), а цените на семињата и минералните ѓубрива се намалени за околу 7,7%. Земјоделците истакнуваат дека поради високите трошоци и ниските цени во минатото, земјоделието во Македонија е на ниско ниво во однос на механизацијата, дигитализацијата и инвестициите, што го загрозува неговиот опстанок.
Пари разговараше со земјоделци од различни сектори. Заеднички став им е дека без вакви и повисоки цени, земјоделието во Македонија ќе исчезне. Бројот на земјоделци веќе значително е намален. Ако во 2014 година имало околу 90.000 регистрирани земјоделци, сега се околу 60.000. Се намалува и земјиштето што се обработува, се намалува и добиточното стадо.
Целиот текст прочитајте го на: pari.com.mk