Воздухот во Сараево е опасен по здравјето, загадувањето е поголемо отколку во главните градови на Бангладеш и Пакистан, пишуваат босанските медиуми, а Владата на кантонот Сараево вчера прогласи вонредна состојба.
Жителите на Сараево утрово го дишат најзагадениот воздух во светот на листата на светски метрополи, а слична ситуација доживеа и вчера.
Сивило, намалена видливост, луѓе со маски на лицата, пусти улици… Сцените од улиците на Сараево рано утринава донекаде наликуваат на сцени од некои хорор филмови.
За жал, воздухот е многу позагаден отколку во Дака (Бангладеш), Делхи (Индија), Карачи и Лахоре (Пакистан), кои се синоним за лош квалитет на воздухот.
Концентрацијата на PM2,5 во 8 часот беше 61 пати повисока од годишната вредност на PM2,5 препорачана од Светската здравствена организација. Индексот на квалитетот на воздухот утринава изнесува 460, покажуваат податоците на IQAir.
По краткиот период на чист воздух што го дишеа жителите и посетителите на главниот град на Босна и Херцеговина, прекривка од смог над Сараево повторно е на сцена. Поради ваквите временски услови, видливоста е сведена на минимум, а на граѓаните им се препорачува да избегнуваат активности на отворено.
Поради екстремно загадениот воздух, Владата на кантонот Сараево вчера прогласи „вонредна состојба“.
Утринските вредности укажуваат дека воздухот е опасен, а изложеноста на таков воздух може значително да ги влоши срцевите или белодробните заболувања.
Доколку сепак планирате да останете надвор, се препорачува да носите специјализирани маски за лице со заштитни респираторни филтри FFP2, FFP3 (американска ознака N95 и N99).
Маските се наменети само за краткотрајно носење и не обезбедуваат целосна заштита од загадениот воздух. Дефинитивно се препорачува престој во природното опкружување на околните планини.
Извор: nezavisen.mk