Девет нови авиолинии од македонските аеродроми за 7 месеци. Министер за транспорт Александар Николоски ги најави последните две договорени линии согласно последниот јавен повик, со нискобуџетната авиокомпанија EasyJet која ќе лета од Скопје до Париз стартувајќи од втори април и од Скопје до Женева од трети ноември годинава. Николоски потенцира дека овие две линии биле воведени на барање на македонската дијаспора, но исто така очекува и повеќе туристи од Швајцарија и Франција.
„Голема македонска дијаспора живее во Швајцарија и во Франција. И ова многу ќе значи за нашата дијаспора, досега требаше да го користат приштинскиот аеродорм за да дојдат или да одат преку конектинг летови. И вториот лет е од Париз до Скопје, од аеродромот „Орли“ кој што е само на петнаесетина километри од популарната „Шанзелизе“ улица. Така што очекувам и многу туристи од Франција да доаѓаат во Македонија и да ја користат оваа поволност. Дополнително очекувам и други линии во наредниот период“ – рече вицепремиерот Николоски.
Планот е Македонија да стане важен авиоцентар во регионот. Скопје, после Атина и Белград треба да стане транзитна станица за прекуокеански летови. Според Николоски, тоа е комплицирана операција, но вели дека активно се работи на тоа. Таргетот бил северноамериканскиот континент.
„Имајќи предвид дека се потребни посебни безбедносни протоколи, но исто така да се исплатливи тие летови треба да има и повеќе патници. Но, сум умерен оптимист дека Скопје може да стане третиот аеродром на Балканот од каде што ќе се лета прекуокеански. За Скопје и за Македонија ќе значи многу ако имаме и ние ваков лет, тоа ќе значи многу за развој на туризмот, бизнисот и ќе значи и за имиџот на Македонија бидеќи ќе биде на мапата на прекуокеански летови“ – вели Николоски.
Во првиот јавен повик беа избрани 6 авиолинии кои ќе бидат субвенционирани. Од Скопје повторно ќе се лета за Барселона и Дубаи, ќе има линија и до Штутгарт и Лион, а за Истанбул и Базел се воведува лет и од охридскиот аеродром. Четири од нив ќе ги реализира унгарската „Визер“ и по една авио-компаниите „Флај Дубаи“ и „Туркиш ерлајнс“. Од 30-то март два пати неделно „Флај Дубаи“ ќе лета од Скопје за Дубаи и назад. Од Скопје ќе се лета за Барселона два пати неделно почнувајќи од 3-ти мајмај. Од 01-ви мај, три пати неделно ќе има и лет од Скопје до Лион и три пати неделно ќе се лета од Скопје за Штутгарт почнувајќи од 29-ти септември. На охридскиот аеродром, новина се линиите Охрид-Базел-Охрид која ќе сообраќа два пати неделно и редовната линија Охрид-Истанбул-Охрид (од 30 март) која ќе лета четири пати неделно.
Дополнително, од Министерството за транспорт најавија уште три нови авиолинии. Освен најавените за Париз и Женева, нискобуџетната и втора по големина авиокомпанија во Холандија Трансавиа која е дел од групацијата КЛМ, ќе лета од Скопје до аеродромот Шипхол во Амстердам почнувајќи од втори март. Од ТАВ Македонија веќе објавија дека компанијата почнала со продажба на билети. Ќе лета два пати неделно во вторник и четврток. Николоски вели дека вториот јавен повик се уште трае , па очекува зголемен интерес и потврда на уште неколу авио линии со кои Македонија авионски ќе се поврзе до што е можно повеќе дестинации во Европа и светот.
Извор: alfa.mk