Бен Мелхам (42) постави рекорд за „најмногу посети на музеји во 24 часа“, иако својот подвиг го заврши за помалку од половина од тоа време.
Мелхам патувал низ Лондон минатиот октомври, започнувајќи ја својата авантура во Музејот на Кралското фармацевтско друштво на истокот на Лондон во 9:03 часот наутро, а ја завршил во Кралската академија на уметности во центарот на Лондон во 19:58 часот, соопштија од Гинисовиот свет на рекорди. За време на својата тура, посетил уште 40 музеи, вклучувајќи светски познати атракции како Природонаучниот музеј, Лондонската кула и Британскиот музеј, но и најмалиот од сите национални музеи на Обединетото Кралство – Музејот на сер Џон Соан.
Мелхам рекол дека бил инспириран за овој подвиг по читањето на Гинисовата книга на рекорди со своите деца. По разговорот за тоа колку би било тешко да се собори некој светски рекорд, неговите деца, Матилда и Хенрик, „ме предизвикаа да зборовите ги преточам во дела“, рекол Мелхам, според соопштението на Гинис.
Одлучил да го спроведе предизвикот во Лондон, кој го нарекол „очигледен избор“.
„Музеите во Лондон содржат милиони предмети. Секој од нив може да ви даде момент да се поврзете со одреден временски период, одредена личност или чудо на природата“, рекол тој.
Мелхам, кој работи во музејскиот сектор како оперативен консултант, сега сака да собори светски рекорд за најмногу посети на музеи за една година. До минатата недела, посетил 85 музеја од почетокот на својот предизвик во октомври, а своето патување го документира на Инстаграм и на платформата Блуески.
„Музеите ги чуваат и споделуваат приказни и предмети кои нè дефинираат. Тие се простори каде се собираме за да размислуваме за минатото, разговараме за сегашноста и замислуваме иднината“, рекол Мелхам.
Негов рекорд од 42 музеја во 24 часа го надмина претходниот носител на титулата за 11 музеја.
Суџој Кумар Митра и Сваруп Даврани од Индија го поставиле претходниот рекорд почетокот на 2024 година, кога во еден ден посетиле 33 музеја.
Извор: eupravozato.mondo.rs