Градежниците, иако дефицитарни скоро и да не добиле покачување на платите изминатава година, а меѓу големите губитници, кога се платите во прашање, според статистика се и воздухопловците чии плати значително се намалиле. Генерално скоро сите сектори бележат раст, но неколку дејности имаат намалени плати, додека платите во секторот градежништво останале на слично ниво како и една година претходно.
Имено, согласно анализата „Месечен статистички извештај“, изработена од Државниот завод за статистика просечната плата во декември 2024 година достигнала 41.999 денари, додека една година претходно изнесувала 38.359 денари.
Но, деталите покажуваат дека одредени сектори немаат раст на платите, а има и такви кои имаат намалување. Градежниот сектор, чии претставници постојано истакнуваат дека се соочуваат со недостиг на работници, останува на истото ниво. Платите во декември 2023 година изнесувале 38.309, а на крајот на 2024 година незначително се зголемиле и достигнале 38.478 денари.
Деталите покажуваат дека дури има и намалување на платите, и тоа во делот изградба на згради, каде платите во декември 2023 година изнесувале 44.790 денари, а просекот за декември 2024 година паднал на 40.863 денари.
Но, голем пад има и кај платите на работниците кои важат за најдобро платени. Имено податоците покажуваат дека воздухопловците на крајот на 2023 година имале високи плати, па просекот во декември достигнал 79.884 денари. Но, една година подоцна нивните плати значително се намалиле. Во декември 2024 година просечната плата во секторот воздухопловен транспорт достигнала само 60.004 денари.
Намалување на платите во текот на изминатата година е регистрирано и во секторот управувачки дејности, советување во врска со управувањето каде во декември 2023 година платите достигнувале просек од 54.589 денари, додека во декември 2024 година просекот во секторот паднал на 51.530 денари.
Уште еден сектор каде има намалување на платите е останати стручни, научни и технички дејности, каде платата се намалила од 59.729 во декември 2023 година на 56.130 денари во декември минатата година.
И секторот помошни услужни дејности во рударството забележал пад на платите, од ланските 40.697 денари просечна плата во декември 2023 година, нивните примања паднале на просек од 38.871денари.
Останатите сектори начелно бележат раст на платите, иако има такви каде растот е незначителни петстотини денари, или пак илјада денари, има и сектори каде зголемувањето на платите воопшто не е за потценување.
Еден од секторите кој може да се пофали со голем раст на платите во период од една година е складирање и помошни дејности во превозот. Таму платите од просечни 51.945 денари во декември 2023 година пораснале за 10 илјади денари, и во декември 2024 декември просекот достигнал 61.915 денари.
Вработените во секторот телекомуникации исто така забележале раст на платите. Во овој сектор платите пораснале за над 100 евра. Во секторот во декември 2023 година просечната плата била 50.778 денари, додека во декември лани достигнала до 56.900 денари.
И компјутерџиите забележале раст на платите. Ова е сектор во кој платите се највисоки, и кои за една година забележале нов раст. Според податоците на статистичарите во секторот компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности во декември 2023 година просечната плата била 93.223 денари, додека истиот месец минатата година достигнала до 96.576 денари.