Човек кој добил налог да плати 200 евра затоа што зборувал на телефон со вклучен звучник на железничка станица во Франција, ја почна правната битка против казната.
Во јавноста познат само како „Давид“, за француската телевизија „БФМ ТВ“ (BFM TV) изјави дека пред неколку дена разговарал на телефон со сестра сѝ на станицата во Нант, кога му пришол вработен во Француската национална железничка компанија - СНЦФ. Му било кажано дека ќе биде казнет со 150 евра доколку не го исклучи телефонскиот звучник, а казната, според кажувањата на „Давид“ (54), подоцна била зголемена на 200 евра бидејќи одбил да плати на самото место. Тој потоа најмил адвокат да ја оспори казната.
СНЦФ потврди дека маж бил казнет од нивното обезбедување, со казна зголемена од 150 на 200 евра бидејќи патникот одбил да плати.
„Давид“ прво мислел дека се работи за шега. Според СНЦФ, имало и есакалација во расправијата меѓу патникот и нивните вработени пред казната да биде изречена.
Инаку, според испитувањата, 86 отсто од луѓето сметаат дека зборување на телефон со вклучен звучник во јавност е неприфатливо. Според францускиот транспортен кодекс, лицата кои користат гласни звучни уреди, или на каков било начин го нарушуваат мирот на другите луѓе со бучава, во областите на јавниот превоз, може да се соочат со парична казна.
Со оглед на таквото јавно мислење и став, и други земји имаат сличен пристап за справување со овој проблем.
Во Велика Британија се нудат и „тивки вагони“ или „тивки зони“, каде што патниците се поттикнуваат да го одржуваат нивото на бучава на ниско ниво. Прекршувањето на правилата и прописите и тука може да резултира со парична казна. И во Италија, железниците нудат слични услуги, а во Јапонија, каде што има строги културни правила за однесување на јавни места, зборувањето на телефон во воз се смета за грубо и прилично непристојно.