![Најголемиот снежен лавиринт во светот: Зимската „земја на чуда“ која ќе ги освои сите генерации](https://s.vrabotuvanje.com.mk/data/images/preview/article/44/a8be0644-resize-820x0x100.jpg)
Закопане е град во јужна Полска, на самиот раб на националниот парк Татра, кој, исто како и тој планински венец, се протега и низ соседна Словачка.
Ридовите над Закопане се омилено излетничко место во текот на целата година, а во зима овој дел од зелените Татри се претвора во популарно скијачко место и во бајковитиот „Сноуленд“, зимски авантуристички парк со бројни имагинативни атракции, во кои уживаат сите деца но и возрасни.
![](https://tocka.com.mk/images/content/inside/2025-02/1DRiHrIvVB-foto-najgolemiot-snezen-lavirint-vo-svetot-zimskata-zemja-na-cuda-koja-ke-gi-osvoi-site-generacii.jpeg)
Зимска авантура, со малку магија
Покрај скијачките патеки и санкалишта, Сноуленд може да се пофали и со иглуа, парк на скулптури од мраз и вистински снежен замок и палата на снежната кралица со кули високи петнаесет метри.
Покрај тоа, таму се наоѓа и најголемиот снежен лавиринт не само во Полска, туку и во целиот свет. Снежниот лавиринт првпат беше изграден во 2016 година, а неговата површина надминува две и пол илјади квадратни метри.
Се наоѓа под познатата скијачка скокалница Велика Кроква, каде што речиси сто години се одржуваат натпревари во скијачки скокови. Коридорите на лавиринтот се долги цел километар, а неговите ѕидови се високи два метра – па само малкумина посетители можат да „ѕирнат“ над нив.
Снежниот лавиринт, се разбира, е само сезонска атракција, како и целиот Сноуленд, кој е отворен за посети од јануари до средината на март, доколку нема неочекувани температурни скокови. Цената на билетите за лавиринтот изнесува нешто помалку од 8 и пол евра, а целосниот ценовник можете да го погледнете овде.
Лавиринтот е изграден од 60.000 блокови набиен снег, исто како што се градат иглоата, а посетителите можат да се „губат“ во лавиринтот околу еден час. Ако некому му треба повеќе, нема страв од замрзнување бидејќи, како што рекоа, никој никогаш не останал „заробен“ во лавиринтот.