Цената на златото руши рекорди и се чини дека растот нема да престане наскоро. Пред само една година, унца од овој благороден метал на светскиот пазар вредеше околу 2.000 долари. Денес опасно се приближува до 2.900 долари, а многумина се прашуваат што навистина се случува?
Една од главните причини за оваа златна треска е неизвесноста во глобалната економија, а особено стравот од трговска војна што би можела да ја поттикне новостариот американски претседател Доналд Трамп. Инвеститорите обично се свртуваат кон златото како сигурна инвестиција во неизвесни времиња, но овој пат приказната е малку посложена.
Имено, аналитичарите забележуваат интересен тренд: Златото што моментално се купува оди во САД. Само во декември од Швајцарија во Америка биле префрлени дури 64 тони злато. Тоа на прв поглед нема многу смисла. Ако се работи само за страв од протекционистички мерки, тогаш и американскиот долар би бил безбедно засолниште за инвеститорите.
Карстен Фрич, аналитичар во „Комерцбанк“, за ДВ посочува дека Доналд Трамп не е познат само по трговските војни, туку и по царините на стоките увезени во САД. А златото е суровина. Никој не знае дали ќе воведат царини за златото, но инвеститорите си играат на сигурно: подобро да се купи и донесе злато во Америка отколку да се ризикува со скапи царини во иднина.
Трендот е особено видлив на Њујоршката берза (COMEX), една од најголемите стокови берзи во светот. Во декември таму пристигнале 123 тони злато, а од почетокот на годинава уште 290 тони. Вкупната залиха на злато на таа берза сега изнесува околу 1.000 тони, ниво што не е забележано од летото 2022 година. Покрај тоа, само од изборната победа на Трамп во ноември, златните резерви на (COMEX) се зголемени за дури 75%.
Американската „глад’ за злато предизвикува проблеми и на други пазари, вклучувајќи го и Лондон, кој служи како главна светска берза за злато од 1919 година. Но, дури и лондонските инвеститори почнаа да испраќаат злато во Америка бидејќи профитот на (COMEX) е далеку поголем.
Сепак, ова движење на злато преку Атлантикот ги забавува испораките во Лондон. Банката на Англија, која вообичаено физички испорачува злато во рок од неколку дена, сега доцни и до два месеци.
Уште колку може да порасне цената на златото? Нема сигурен одговор на тоа прашање, но Јерг Шерер, експерт за техничка анализа во „HSBC’, верува дека златото многу брзо ќе ја пробие границата од 3.000 долари за унца.
Извор: lokalno.mk