![Ќе ја подобри ли „Безбеден град“ сообраќајната култура во Македонија?](https://s.vrabotuvanje.com.mk/data/images/preview/article/72/5ce8a727-resize-820x0x100.jpg)
Во време на дигиталната трансформација паметните технологии стануваат дел од нашето секојдневие.
Македонија прави интересен чекор за подигнување на сообраќајната култура со воведувањето на системот „Безбеден град“. Системот претставува технолошка иновација, но многу граѓани се надеваат дека ќе доведе до побезбедни патишта и подисциплинирани учесници во сообраќајот. Со својата способност за прецизно следење и санкционирање на прекршоците, „Безбеден град“ има потенцијал да придонесе во создавањето на поодговорна и побезбедна сообраќајна средина за сите.
Камерите поставени на скопските улици во целост ќе започне да функционираат следната година. Граѓаните не само што ќе бидат казнувани врз основа на снимките, туку и средствата ќе бидат повлекувани директно од нивните сметки. „Безбеден град“ ќе биде оперативен до крајот на 2025 година. Покрај во Скопје, ќе се користи и во Куманово и Тетово.
Засега размислувањата се откако системот е активен најпрво д асе делува едукативно. Ова ќе биде во првите шест месеци на 2026 година. Потоа ќе биде активирана „автоматиката“ и ќе започне казнувањето. Со камерите ќе се регистрираат и автоматски ќе се казнуваат следните прекршоци: минување на црвено светло, возење со брзина поголема од дозволената и непрописно паркирање.
МВР ги собира потребните податоци
Во моментов Министерството за внатрешни работи, покрај на финализирање на „Безбеден град“ работи и на прибирање на податоци од возачите. Сепак за целосно користење ќе мора да се направат и промени во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
„Промените се однесуваат на начинот на кој сообраќајните прекршоци се документираат со соодветни технички средства и уреди за снимање. На сопственикот на возилото ќе му биде доставен соодветен поднесок за сторениот сообраќаен прекршок.“, пренесува Слободна Европа.
Полицијата веќе започнува да ги собира потребните податоци. За време на регистрацијата на возилата, од граѓаните се земаат и потребни контакт податоци. Покрај телефонски број и имејл адреса, новитет е и потпишувањето на документот за веродостојност на податоците. Овие контакт информации ќе бидат понатаму искористени за да се известат граѓаните за датата и прекршокот кој е направен со нивното возило. Покрај телефон и електронска пошта, во прво време овие податоци ќе се испраќаат и по традиционална пошта.
Овој систем е дел од долготрајната стратегија за модернизација на сообраќајот. До сега генерално беше концепт, но сега се работи и на спроведување во пракса. Технологијата веќе започна со тестови. Минатата година 20% од инсталираните камери регистрираа околу 2000 прекршоци за само 24 часа. Според МВР по целосната имплементација бројките би можеле да достигнат 20000 регистрирани прекршоци дневно.
Какви камери се користат за Безбеден град (Safe City)
На раскрсниците во Скопје се инсталирани камери од италијанскиот производител Tattile Smart Speed. Камерите може континуирано да следат до две сообраќајни ленти со максимална ширина од 7,5 метри. Покрај брзината на возилата, може да го препознаат и регистарскиот број, производителот и моделот на возилото, бојата и државата во која е регистрирано возилото.
Кога некое од следените возила ќе го надмине ограничувањето на брзината, вградениот радар ја активира камерата за да евидентира слика од возилото и неговата регистарска табличка. Покрај регистарската табличка, сликата вклучува и датум, време, земја и брзина. Токму ова се податоците кои ќе им бидат пратени на граѓаните во известувањата за сообраќајни прекршоци.
Како се користат овие системи во Европа
Додека Македонија започнува со тестирање за имплементација на камерите и Безбеден град, повеќе големи градови веќе ги користат.
Лондон има сеопфатна мрежа на камери кои следат сè, од сообраќаен метеж до прекршоци за возење на автобуската лента. Во Обединетото Кралство се користат и системи со вештачка интелигенција за да се анализираат податоците од камерата и да се идентификува опасното однесување при возење.
Амстердам користи паметни камери за полесно да ги спроведе ограничувањата на брзината и поминувањето на црвено светло. Започнати се и тестови со камери кои можат да детектираат користење на телефон за време на возење.
Берлин користи камери за следење на возилата кои минуваат на црвено светло и возат со повисока брзина од дозволената. Постепено ја прошируваат употребата на технологија за да го подобрат текот и безбедноста на сообраќајот.
Будимпешта има инсталиран софистициран систем наречен VÉDA кој вклучува и фиксни и мобилни камери за следење широк спектар на прекршоци, од брзо возење, и минување на црвено светло, до непрописно користење на лентите.
Гент и Антверпен во Белгија користат ANPR (Автоматско препознавање на таблички) камери за да ја подобрат безбедноста и управувањето со сообраќајот. Ова засега е поизразено во областите со голем сообраќај и пристаништето Антверпен.