![Блумберг анализа: Македонците ем најсиромашни ем купуваат најскапи возила](https://s.vrabotuvanje.com.mk/data/images/preview/article/da/c2d77cad-resize-820x0x100.jpg)
Македонија и Словенија се слични по територија и број на население, но разликите во економскиот стандард се значителни. Животниот стандард во Словенија е околу 2,5 пати повисок, што се огледува и во продажбата на нови возила.
Според анализата на Блумберг Адриа, во 2024 година, во Словенија се регистрирани 53.018 нови патнички возила, што е за 8,4% повеќе од претходната година. Во Македонија, пак, се продадени четири пати помалку нови возила – 13.168.
Продажбата на нови автомобили во регионот покажува големи разлики. Во Србија се продале 28.000 нови возила, во БиХ само 12.000, а во Хрватска 63.806. Половните возила доминираат во сите земји, освен во Словенија.
Што се однесува до цените, Македонија има највисоки цени за одредени модели. На пример, „Рено Клио“ во Македонија чини 19.440 евра, додека во Словенија е 15.790 евра. Премиум моделите, како „BMW 520 дизел“, во Македонија се продаваат за 71.220 евра, додека во БиХ се 15.000 евра поевтини.
Разликите во цените се резултат на царините, транспортните трошоци, даноците и големината на пазарот. Во Македонија, ДДВ за возила е 18%, додека во Хрватска е 25%.
И покрај растот на продажбата на нови автомобили, македонскиот пазар сè уште е доминиран од половни возила. Во 2024 година, увезени се 41.483 половни возила, што претставува 70% од вкупната продажба.
Истражувањата покажуваат дека Македонија има највисоки цени и за половните автомобили. На пример, „Volkswagen Polo“ од 2015-2016 година во Македонија чини 7.500-9.500 евра, додека во Србија истиот модел се продава за 6.000-8.000 евра.
При купување на половно возило, постои ризик од манипулирани километражи и скриени дефекти, предупредуваат експертите. Затоа, потребна е дополнителна внимателност при изборот.
Целата анализа може да ја прочитате на: Bloomberg Adria