![Како да кажеш „не“ (без да изгледаш неколегијално на работа)](https://s.vrabotuvanje.com.mk/data/images/preview/article/a0/d5ee990a-resize-820x0x100.jpg)
„Не“ не е знак на слабост, туку свесно управување со времето. Кога обврските се натрупуваат, одбивањето на дополнителни задачи е клучно за одржување на квалитетот на работата и менталното здравје.
Замисли ја следнава ситуација: штотуку заврши исцрпувачки состанок, твоето сандаче е преполно со непрочитани е-пораки, а листата на задачи веќе е долга колку просечна работна недела. Во тој момент ти приоѓа колега или надреден со нова задача, изговарајќи ја добро познатата реченица: „Знам дека си презафатен/а, но можеш ли само ова да го завршиш успат?“
И тука настапува дилемата. Да кажеш „да“ значи да додадеш уште една обврска на веќе преполната листа, ризикувајќи стрес и намален квалитет на сопствената работа. Да кажеш „не“? Тоа носи ризик – можеби ќе се замериш некому, ќе изгледаш неколегијално или ќе создадеш впечаток дека не си тимски играч. Но, вистината е едноставна: понекогаш одбивањето на дополнителна работа е единственото исправно решение. Ако постојано прифаќаш повеќе отколку што можеш да поднесеш, на крајот ќе страдаат и твојата работа, и твоето здравје.
Како тогаш да кажеш „не“ на учтив и аргументиран начин, без да ги загрозиш односите и професионалниот углед? Еве неколку ефикасни пристапи.
5 стратегии за одбивање на дополнителна работа (без грижа на совест)
1. „Би сакал/а да помогнам, но моментално сум максимално зафатен/а.“
Ова е еден од наједноставните и најискрените начини на одбивање. Даваш до знаење дека ја цениш понудата, но твоите тековни обврски не ти оставаат простор за нови задачи. Доколку сакаш, можеш да додадеш и: „Можам ли да помогнам на некој друг начин или подоцна?“
2. „Веќе имам дефинирани приоритети – да ги разгледаме заедно?“
Ако надредениот ти додели нова задача, можеш да побараш да ги прегледате твоите тековни обврски. Прашање како: „Која задача треба да почека за да можам да го завршам ова?“ покажува одговорност и свесност за твоите капацитети.
3. „Да, но…“ – понуди алтернатива
Ако не можеш целосно да ја преземеш задачата, можеш да понудиш делумна помош: „Не можам да го преземам целиот проект, но можам да дадам неколку насоки или да предложам некој што би можел да помогне.“ Така покажуваш тимски дух, без да прифаќаш товар што не можеш да го издржиш.
4. „Моментално работам на нешто што директно влијае на…“
Ако твојата работа е клучна за некој поголем проект, истакни ја нејзината важност. Реченица како: „Фокусиран/а сум на задача која има големо влијание врз X, па не можам да преземам дополнителни обврски без да ја загрозам нејзината изведба.“
5. „За жал, не можам да го преземам тоа сега.“
Понекогаш наједноставното решение е – само да кажеш „не“. Ако си личност која секогаш се труди да помогне, твојот колега или шеф нема да го сфати тоа лично. Не се извинувај повеќе од потребното, туку јасно и смирено постави граница.
Извор: mojposao.hr