
Во поголемите компании потребно е да има лекар кој секојдневно или по потреба ќе се грижи, превенира или интервенира кај некој од вработените доколку има потреба од тоа.
Ова е една од законските измени кои ќе бидат предложени олд страна на Македонското здружение за заштита и здравје при работа. Нивниот став како експерти на ова поле е, работниците не се доволно заштитени и не се води грижа за нивното здравје. А во моментов токму работниците или човечкиот капитал, и натаму треба да биде најценет.
Во фирмите каде работат над 50 вработени да има ангажирано лекар кој редовно ќе врши проверки или превенции на вработените од таканаречените професионални заболувања. Најмалку еднаш месечно или во зависност од потребата која лекарот ќе ја детектира да ги посетува компаниите и да врши здравствени прегледи при што ќе може и да дава соодветна дијагноза, секако доколку е потребно. Ваквиот предлог треба и мора да помине во законодавниот дом, децидни се од здружението. Податоците велат дека најмногу повреди на работното место се забележани во петок, односно на крајот од работната недела. Најчести причини за повредата се замор, мало невнимание или пак психички проблем на работникот.
Информациите велат и дека најголем број на повреди на годишно ниво се забележани во прехранбената индустрија. Потоа следува секторот јавната управа и одбрана па градежниот сектор. А вкупниот број на повреди на годишно ниво се движи околу 100 лица. За жал во 2023 имало и 15 смртни случаи. Во моментов се подготвуваат официјалните податоци за ланската година, но според информациите од фелата ваквите бројки се забележуваат и во годините претходно.
Особено е загрижувачка состојбата во државните иституции, велат од оваа индустрија. Нивните податоци се алармантни. Најголемиот дел од компаниите и институциите кои се под државна капа не ги почитуваат законските правила за заштита и здравје при работа, особено во делот за превенција од пожари. Доколку институцијата има одреден буџет за оваа намена тоа таа го прави со минимални средства.
„Во делот при заштита од пожари во државните институции состојбата е катастрофална, системи за детекција од пожар речиси и да нема во ниту една институција или тие што ги имаат се нефункционални. Здравствените установи се во најкритична состојба, односно нивните превентивни системи за детекција од пожари, и тоа под итно мора да се поправи. Државните институции мора да имаат превентивни мерки за здравје и заштита при работа“, велат од здружението.
Почетната точка од која се стартува превенцијата за заштита од пожари е изработка на елаборат кој е во зависност од големината на објектот, намената на објектот, бројот на врфаботени и слично. Освен противпожарните апарати компаниите треба да имаат и системи кои детектираат почеток на пожар, но секако и хидрантскагта мрежа не смее да се занемари, како и громобраните. И на крајот ако се случи пожар да има објектот системи за автоматско гасење на пожарот. Во оваа индустрија има околу 60на компании.