
Во проектот „Безбеден град“ (Safe city) се предвидува, покрај фиксните камери на крстосниците да се воведат и возила со камери, кои ќе мапираат каде сѐ има паркирани или оставени возила, на сообраќајни ленти, велосипедски патеки, тротоари и зелени површини.
Министерот за внатрешни работи повтори дека системот треба да профункционира од 1.1.2026 година, со тоа што и во месеците претходно, до возачите ќе стигнуваат пораки дека направиле некој прекршок.
Но, бидејќи системот има за цел да превенира жртви во сообраќајот, министерот најави дека тој систем треба да придонесе и за идните планови за проширување на крстосници, изградба на кружни токови и други посоодветни сообраќајни решенија, во насока на побезбедни улици.
Секако, овие решенија не се насочени само кон заштита на пешаците, туку и на велосипедистите, за што треба да се изградат повеќе велосипедски патеки, особено во општини каде воопшто ги нема како Чаир, но и да се продолжи со изградба на нови велосипедски патеки во останатите општини низ Скопје.
Тука, министерот Тошковски најави дека затоа што дел од улиците немаат велосипедски патеки, а возила се паркирани на една од сообраќајните ленти, па велосипедистите буквално нема каде да поминат, ќе има возила опремени со камери, кои ќе ги забележуваат тие возила кои го опструираат сообраќајот. И ним ќе им стигне порака за прекршок, со цел да се подигне свеста за одговорно учество во сообраќајот.
Прашан за регулација или забрана на електричните тротиенти, Тошковски рече дека и за тоа се разговара и дека се надева оти ќе излезат со практично решение. Денеска се одржува јавна трибина за измените на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата и Законот за прекршоци за проектот „Безбеден град“, со поддршка на УНДП.
Целата вест може да ја прочитате на: nezavisen.mk