
Минималецот ќе се зголеми за две илјадарки, трипати помалку од годишниот раст на минималната кошница
Минималната плата, најверојатно, ќе се зголеми за две илјади денари. За износ кој е трипати содржан во годишниот раст на синдикалната минимална кошница. Веќе подолг период синдикатите се залагаат за поголем минималец, на први мај лани стартуваа со 450 евра, а сега се залагаат за 500 евра. Работодавачите велат може, но придонесите да останат на сегашното ниво. Од Владата во неколку наврати се изјаснија – како ќе се договорат, така ќе биде. Но, за придонесите потешко. Министерката за финансии се произнесе по тоа прашање: не е можно, придонесите и онака се ниски.
Согласно законските одредби – по 50 отсто од порастот на просечно исплатената нето плата и 50 отсто од растот на индексот на трошоците на живот за претходната година, од сегашните 22.567 денари, минималната плата ќе се помести на 24.500 денари. Од Сојузот на синдикатите на Македонија инсистираат на 30.500 денари. Со тоа што разликата од шест илјадарки да не биде товар на работодавачите во период од една година. Овој предлог не е далеку од тој на бизнис заедницата.
„Платите мора да се зголемат!“, со ова мото синдикалците преку социјалните мрежи ги повикаа работниците на заедничко дејствување: „Борбата за зголемување на платите ја води ССМ! Колку повеќе работници ќе се бориме, толку повеќе ќе добиеме. Колку од Вас ќе се приклучат на борбата за зголемување на платите?“.
Вака конципираниот предлог ќе биде доставен до Владата и до Собранието. Сепак, на темата не може да се разговара на заедничката маса во рамките на Економско-социјалниот совет, сѐ додека не се потврди репрезентативноста на ССМ.
„Репрезентативноста е истечена. Очекувам на седница на Влада да се формира таа комисија, да одреди репрезентативност. Потоа ќе се состане Економско-социјалниот совет за да одлучува за минималната плата, каде што покрај синдикатите се и работодавачите. Минималната плата може да се донесе и во март, не мора да биде на крајот од февруари“, посочи премиерот Христијан Мицкоски, кој патем, уште еднаш повтори дека Владата ќе го поддржи договорот што ќе го постигнат двете засегнати страни.
На таа претстојна седница, која би требало да се одржи на почетокот од идниот месец, како точка на дневниот ред ќе биде и мининалната кошничка. Властите се залагаат за поинаква пресметка, затоа што имаат забелешки на содржината спакувана во синдикалната кошничка. Премиерот ги навед цигарите, иако Македоците се меѓу најстраствените пушачи во Европа, па лубеницата и црешите кои ги нема во зимскиот период. А, за министерката за финансии не е прифатлива месечната литража на испиено млеко од четиричлено просечно семејство, заедно сосе грашокот од конзерва.
За 365 дена, од февруари 2024 до февруари 2025 година, спорната кошничка поскапела за 6.297 денари. Лани во вториот месец изнесувала 57.476 денари за тие што имале сопствен дом и 72.851 денар за семејствата што живеат под кирија. Вредноста, пак, на актуелната кошница е 63.773, односно 79.148 денари. И тогаш и сега најголемите зафаќања се за храна и пијалаци. Лани во февруари се работело за 36,9 проценти и 21.219 денари. Месецов се утврдени 36,7 проценти и износ од 23.427 денари. Разликата само по овој основ е рамна на регуларното зголемување на минималната плата.