
Православните христијани денес го слават празникот Прочка, кога луѓето си проштеваат едни на други, за да ги остават и гревовите со оставањето на мрсната храна, а во постот да се воздржуваат и од гревовноста.
Прочка – Верниците меѓусебно си простуваат пред почетокот на Велигденскиот пост. Зборот „Прочка“ доаѓа од старомакедонскиот словенски збор „проштение“ = простување или од „проштати“ = проштева. Прочка е духовната метла со која ја метеме нашата душа од гревовите.
Велики поклади – Неделата навечер се поклади. Неделната вечера е богата со млечни производи, пита со сирење и јајца.
Сето ова се збива во еден ден – во последениот ден пред почетокот на Велигденскиот пост. Денес и небото и простува на земјата, а човекот му простува на човекот. Денешната порака е: Проштевајте! – Бог да прости, лесни пости! Ако не простиме, залудно ќе постиме. Лицемерно е да јадеш леб и вода, а да не проштеваш и да не се каеш.
Датирање
Прочка секогаш е во недела. Денот не го менува, но датумот го менува. Тоа е празник со непостојан датум – подвижен празник. Таа не се врзува со календарот, со конкретен датум, туку е поврзана со Велигден. Кога ќе се празнува Прочка зависи од тоа кога се празнува Велигден. И Велигден и Прочка се секогаш во недела. Седмата недела по Прочка е Велигден.
Прочка е предпочеток на Велигденскиот пост. Црквата го поставила како силен потсетник на духовниот карактер на постот. Постењето треба да започне со проштевањето и со покајанието, инаку значи дека не ни започнало или започнало само формално.
Без каење и проштевање се губи суштината на личните односи на луѓето кон луѓето и на луѓето кон Бога. Преку тоа се искажува и се покажува љубовта кон Бога и кон луѓето. Откако ќе прости, човекот ќе има кротост, трпение, смирение и човекољубие низ добродетелноста на постот и молитвата.
Цел и смисла
Целта и смислата на празникот е да го истакне проштевањето како дело на љубовта, а љубовта е основа на христијанското живеење. Проштевањето е резулататот на љубовта. Тоа е израз на љубовта, а љубовта „сè извинува“ (1. Кор. 13,7). Кој проштева тој љуби, а кој љуби тој е од Бога и Бог е во него, бидејќи „Бог е љубов“ (1. Јов. 4,8).
Ако, таква проштална љубов покажуваат христијаните на Прочка, тогаш се добри како светиите и праведниците, како Христос и Богородица. Проштевањето е безгранично и безусловно. Прочка е празник колку на проштевањето, толку и на покајанието. А покајанието и проштевањето се почеток на Евангелието. Таков е почеток на христијанското живеење. Првите зборови на Господ Исус Христос биле повик на покајание, проштевање и љубов.
Проштевањето е духовен пост, кој треба да му претходи на телесниот пост. Духовниот треба да биде пред телесниот, како што е душата пред телото. „Затоа, прославете Го Бога во своите тела и во своите души, кои се Божји“, вели свети апостол Павле (1. Кор. 6,20).
Целта на празникот е со чиста душа да се започне велигденскиот пост. Уште денеска треба да започне чистењето на душата што ќе биде главна задача во постот. Утре нека почне и телесниот пост, за скротување на телото и воздржување од сластите и страстите.
Чистењето и подготовката е како што чистиме и подготвуваме за доаѓањето на важен гостин кај нас, а тоа е приемот на Господа Исуса Христа преку светата Причест.