
Во текот на 9 недела од 2025 година (од 24 февруари до 02 март), во Македонија се пријавени 2.569 случаи на групни пријави за заболени од грип/заболувања слични на грип, што за 15,4% помалку во споредба со претходната недела, соопштуваат во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Сепак, бројот на пријавени лица оваа недела споредено со истата 9 недела од минатата сезона е зголемен за 4 пати.
„Во текот на оваа недела, во 2 извештајни единици се регистрира многу ниска, во 6 – сезонска, во 12 – средна, во 5 – висока, а во 3 (Дебар, Кратово и Свети Николе) – многу висока активност на вирусот на грип“, наведено е во соопштението.
Во текот на оваа недела, пријавен бил и еден смртен случај асоциран со грип. Се работи за лице на возраст од 82 години од Скопје, кое било хоспитализирано на Клиниката за пулмоалергологија. Кај починатото лице било утврдено присуство на коморбидитети и не било вакцинирано со вакцина против сезонски грип.
Мета.мк неодамна пишуваше дека плејада од измешани симптоми периодов имаат пациенти кои се обраќаат за помош во ординациите на нивните матични лекари. Висока температура која трае со денови, без други клинички симптоми, а потоа болки во телото, малаксаност, главоболки, па и вртоглавици, кои траат и до четири недели, се причината поради која мноштво пациенти ги полнат ординациите на матичните лекари. Според лекарите, пикот се очекува при преминот од постудено кон потопло време.
Извор: meta.mk