
Министерството за образование и наука ги објави конкурсите за стипендирање студии во странство во академската 2025/2026 година. Објавени се три конкурси, за прв, втор и трет циклус, што значи дека се наменети за граѓаните на Македонија кои ќе се запишат на додипломски, постдипломски или докторски студии на некој од најдобрите светски универзитети според Шангајската ранг-листа.
Министерството за образование и наука ги објави конкурсите за стипендирање студии во странство во академската 2025/2026 година. Објавени се три конкурси, за прв, втор и трет циклус, што значи дека се наменети за граѓаните на Македонија кои ќе се запишат на додипломски, постдипломски или докторски студии на некој од најдобрите светски универзитети според Шангајската ранг-листа.
На конкурсите можат да аплицираат македонски граѓани кои во академската 2025/2026 година ќе се запишат на еден од првите десет рангирани универзитети од сите области, односно на еден од првите сто рангирани универзитети од областа на техничките науки, архитектурата, градежништвото, математиката, меѓународното право, економијата и финансиите, физиката, биологијата, хемијата, медицинските науки и генетиката, согласно последната објавена листа на Центарот за универзитети од светска класа при шангајскиот универзитет „Џио Тонг“.
Кандидатот треба да има соодветно претходно образование и соодветен просечен успех кој е наведен во конкурсот и да не е корисник на каква било стипендија од друг давател во моментов.
Сепак, годинава има една значајна измена во конкурсите. Имено, за стипендистите останува обврската по стекнувањето на дипломата да се вратат во Македонија и да работат двојно повеќе време од времето на студирањето.
-Има неколку новини во конкурсот. По враќањето, стипендистите треба да се пријават во МОН и да се регистрираат на посебен дигитален регистар (e-registar.mon.gov.mk), што го воведуваме оваа година, а кој ќе биде споделен со државните органи, универзитетите и стопанските комори, во насока на полесно наоѓање соодветен работен ангажман. Ако на студентот не му биде понуден ангажман во рок од шест месеци, не му престанува обврската да работи во државата - информира вчера министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Ако студентот во рок од три месеци по дипломирањето се вработи во некоја компанија од „Fortune top 500“ листата во странство, тогаш надвор од Македонија може да остане најмногу до три години, со цел стекнување меѓународно корпоративно искуство, по што почнува да му тече обврската да работи во својата држава двојно повеќе време од времето на студирање.
- Доколку кандидатот одлучи да не се врати во државата, односно не ги исполни обврските од потпишаниот договор, ќе мора да ги врати средствата, онолку колку што Министерството му исплатило за студирање и тоа најдоцна во рок од две години по завршувањето на студиите. Во минатото се бараше враќање десеткратно поголем износ, што всушност беше неприменлива договорна одредба - додаде министерката.
Осврнувајќи се на дигиталниот регистар на стипендисти во странство, Јаневска посочи дека целта е во него да се пријават сите завршени и тековни студенти во странство кои користат стипендија од МОН, за да може државата да има увид во состојбата на секој стипендист.
Регистарот содржи податоци за студентот, видот на студиите, периодот на студирање, работен статус, контакт-податоци и слично и секој ќе треба најмалку еднаш годишно да ги ажурира своите податоци доколку има каква било промена. Студентот може да одбере неговиот профил да биде видлив и така полесно ќе се вмрежува со други студенти, со научни и образовни установи и со работодавачи.
- Веќе сме во комуникација со многу од студентите да се пријават во регистарот и бидејќи тоа може да им донесе само корист, очекувам соработка и постапување. А задоволство ми е да споделам и дека Министерството за образование и наука веќе започна соработка со неколку дипломирани студенти, кои имаат желба и со голем ентузијазам работат на развој и промоција на својата држава - рече министерката.
Конкурсите можете да ги погледнете на следните линкови:
Конкурс за доделување стипендии за академски студии од прв циклус во странство за академската 2025/2026 година
Конкурс за доделување стипендии за академски студии од втор циклус во странство за академската 2025/2026 година
Конкурс за доделување стипендии за академски студии од трет циклус во странство за академската 2025/2026 година
Извор: fakulteti.mk