Интервјуто за работа е како двонасочна улица во која двете страни – кандидатот и работодавачот - имаат иста цел: да дознаат дали постои совпаѓање.
Најдобриот начин за да се дознае ова е преку поставување на прашања. Но не било кои, туку вистинските прашања.
Кариерните советници Кетрин С. Брукс и Лин Тејлор за Бизнис Инсајдер велат дека прашањата може да се разликуваат во зависност од индустријата, компанијата или позицијата за која аплицирате, но тие се согласуваат дека постои едно прашање што секој кандидат за вработување треба да го постави без оглед на околностите. Тоа прашање е “Кој успева на оваа позиција“.
Друг начин за да го реформулирате ова прашање е “Како би го опишале успехот на оваа позиција“.
Ова прашање ви дава ‘инсајдерски информации’ за позицијата и ја открива перспективата на интервјуерот за организацијата, вели Брукс, извршен директор на Центарот за професионален развој на студентите на Универзитетот Вандербилт.
Според неа, информациите кои ќе ги добиете не е воопшто лесно да се пронајдат на друго место.
Тејлор, инаку автор на книгата “Tame Your Terrible Office Tyrant: How to Manage Childish Boss Behavior and Thrive in Your Job“, вели дека преку одговорот на ова прашање, менаџерот за човечки ресурси ќе ви открие кои ќе бидат вашите цели и како тие се усогласени со приоритетите на компанијата.
Одговорот ќе ви даде исклучително важни информациии како (1) вештините што се бараат (ќе добиете многу повеќе информации од она што е наведено во огласот), (2) вистинските приоритети за работата (ќе го дознаете ова преку акцентот и времето поминато на секоја од нив), (3) внатрешната перспектива на она што е потребно за да се обезбеди позицијата (ќе ви помогне да дознаете како подобро да се “продадете себеси“ и (4) културата на компанијата (ќе ги дознаете очекувањата и стилот на деловната етика).
Секогаш избирајте работни позиции кои се карактеризираат со предизвикувачка работа, мотивираност и наградување.