Економистите со децении наназад зборуваа дека ќе работиме се помалку и помалку, рече Рутгер Брегман
Еден ден плус за одмор ќе донесе многу придобивки и за работниците и за работодавачите, а светот треба да ја прифати четиридневната работна недела, порачаа двајца експерти на Светскиот економски форум кој од 22. до 25. јануари се одржа во малото гратче на Швајцарските Алпи, Давос.
Адам Грант, психолог од факултетот Wharton School во Пенсилванија, кажа: “Мислам дека имаме добри експерименти кои покажуваат дека ако го намалите бројот на работни часови, луѓето можат поефективно да го фокусираат своето внимание и на крајот да го произведат истото, често со повисок квалитет и креативност, а во исто време се полојални на организации кои се подготвени да им дадат флексибилност да се посветат на својот живот надвор од работа“.
Економистот и историчар Рутгер Брегман кој е воедно и автор на книгата “Утопија за реалисти“, се согласува и објаснува дека пократката работна недела всушност не е толку радикална – законодавците веќе долго време се обидувале да разберат како да им дадат поголема моќ на работниците. “Со децении сите истакнати економисти, филозофи и социолози веруваа дека до 1970-тите години ќе работиме се помалку и помалку“, вели тој.
“Во текот на 1920-тите и 30-тите години, имаше некои капиталистички претприемачи кои откриле дека, ако ја намалите работната недела, вработените стануваат попродуктивни. Хенри Форд, на пример, открил дека ако се намали работната недела од 60 на 40 часови, неговите вработени ќе станат попродуктивни бидејќи ќе имаат повеќе време за одмор“.
Ова стојалиште го поддржуваат и научните истражувања. Повеќе студии ја поддржуваат идејата дека пократката работна недела ќе ги направи луѓето посреќни и попродуктивни, додека податоците на ОЕЦД покажуваат дека земјите кои имаат повеќе работни часови имаат полоши резултати кога станува збор за продуктивноста и БДП по работен час.
Во меѓувреме, една компанија од Нов Зеланд која минатата година ги тестираше ефектите од четиридневната работна недела потврди дека трајно ќе ја усвои оваа мерка.
Научниците кои го проучувале овој обид забележале пониско ниво на стрес, повисоко ниво на задоволство на работата и подобрување на чувството за рамнотежа помеѓу работата и животот. Она што е клучно е дека работниците биле попродуктивни за 20 отсто.