Интервјуата се доволно стресни само по себе. Доколку сте биле отпуштени од претходното работно место сосема разбирливо е да ве фати паника што да одговорите доколку интервјуерот ве праша "Зошто бевте отпуштени?".
Секогаш, ама баш секогаш добро е да имате однапред спремен одговор од кој ќе зависат многу нешта. Постојат неколку совети кои можат да ви помогнат како најдобро да го одговорите ова прашање.
Бидете искрени
Сетете се на инцидентот или проблемот што предизвика да ја изгубите работата, меѓутоа направете го тоа целосно објективно. Дали сте биле отпуштени поради конфликт со соработник? Дали не си ја работевте добро работата? Запрашајте се дали отказот се должи поради нешто што вие сте погрешиле или станува збор за неправедност. Пред да можете искрено да му одговорите на вашиот потенцијален работодавач, прво бидете на чисто со самите себе.
Не ја префрлајте вината
Вашиот потенцијален работодавач сака да види дека превземате одговорности за вашите претходни активности, како и за вашите перформанси на работното место. Без оглед на тоа дали сте почувствувале дека неправедно сте биле третирани на вашата стара работа, вие не треба да дадете големи детали за тоа. Доколку ваша била вината за отказот доволно е во одреден момент од интервјуто да кажете "Грешки беа направени и за тоа целосно ја превземам одговорноста".
Избегнувајте детали
Грешка што ја прават многумина е тоа што навлегуваат во премногу детали за причината за отказот. Не го трошете времето залудно и не се концентрирајте на ситници, бидејќи тоа само ќе ви направи уште поголем притисок. Преминете на главното и објаснете ја ситуацијата во неколку реченици.
Не звучете огорчено
Дури и да сметате дека претходнито работодавеч неправедно ве отпуштил, покажувањето огорченост само ќе направи да изгледате лошо. Не користете зборови кои ќе го нагласат вашиот неуспех во минатото. Зборувајте на начин кој ќе го минимализира влијанието што го имало прекинувањето на работниот однос врз вас.
Истакнете го позитивното
Секогаш муабетот завршете го со тоа каква лекција научивте од конкретното искуство. На овој начин ќе покажете дека сте свесни за работите какви што се и дека сте прилагодлива личност. Претворањето на негативните ситуации во позитивни лекции секако ви оди во прилог. Со ова вие ќе демонстрирате искреност и зрелост, притоа дозволувајќи му на интервјуерот да види дека сте објективни за вашите недостатоци и дека учите од претходните искуства.