Околу 4500 државни службеници вработени во шведскиот Завод за вработување (Arbetsförmedlingen) минатата среда останаа без работа.
Поради буџетски рестрикции и голема реформа на пазарот на трудот, десетици канцеларии низ Шведска ќе бидат затворени, а нивните вработени ќе се преселат од другата страна на шалтерот.
Едно од најголемите укинувања на работни места во историјата на Шведска
Државниот буџет за 2019 година, усвоен од страна на парламентот во средината на декември, предвиде околу 85 милиони евра помалку за плати на вработените и дури 337 милиони евра помалку за програмите за вработување.
Одлуката за едно од најголемите укинувања на работни места во историјата на Шведска беше единствената можна последица од намалувањето на буџетот.
“Arbetsförmedlingen“ во 240 канцеларии низ цела Шведска вработува околу 13.500 луѓе, што значи дека новата реформа ќе остави без работа една третина од вкупната работна сила со која располага оваа институција.
Најмногу откази ќе паднат во провинциските центри, а најмалку во поголемите градови.
Сите сегашни вработени, сепак, ќе останат на своите работни места до април, односно до завршувањето на преговорите помеѓу синдикатот и челниците на заводот околу отказните услови.
Швеѓаните не се плашат да пресечат
За разлика од Македонија, која и во време на економска криза не посегнува по масовни отпуштања во јавниот сектор, шведските политичари не се плашат да посегнат по ваква антипопулистичка мерка којашто некогаш може да значи и губење на власта.
Целосна дигитализација
Со новите реформи, комуникацијата со невработените ќе се спроведува преку Skype, што значи дека невработените ќе можат непрекинато да ги остваруваат своите права и обврски кон заводот без оглед на тоа колку километри се оддалечени од него.
Инаку, стапката на невработеност во Шведска во моментов изнесува околу 6 проценти, а само 3.6 проценти од луѓето кои се родени во Шведска се моментално без работа.