Финска го заврши двегодишниот економско-социјален експеримент со кој се гарантираше минимален финансиски приход за сите невработени. Очекувањата дека невработените ќе бидат повеќе мотивирани да работат повеќе на крајот од експериментот не се остварија во реалноста.
Финската влада ги објави првичните наоди од проектот кој заврши пред еден месец.
За време на експериментот 2.000 невработени Финци станаа првите Европејци кои добиваа месечна плата од државата без разлика дали нашле работа или не. Тие добивале по 560 евра, од 1 јануари 2017 до 31 декември 2018 година.
„Експериментот со минималните примања не ја зголеми вработеноста на учесниците во првата година од истражувањето“, стои во соопштението на финските министерства за социјални прашања и здравство.
Сепак оние кои ги добивале овие примања „се чувствувале подобро на крајот од експериментот од оние во контролната група“.
Резултатите се само прелиминарни и се засновани на првата година од експериментот, па сè уште не можат да се влечат конечни заклучоци, посочуваат властите.
Двегодишниот експеримент беше карактеризиран како прогресивен чекор напред кон систем кој многумина сметаа дека ќе ја изедначи нееднаквоста меѓу граѓаните. За универзалните минимални приходи, како можно решение за распространетата невработеност се залагаат многу луѓе, меѓу кои и милијардерите Марк Закерберг и Елон Маск.
извор: taratur.com