Ако работите нископлатена работа што во исто време ја мразите, поверојатно е да страдате од хроничен стрес, отколку кога сте невработени.
Ова е заклучок од една нова студија спроведена од истражувачи од Универзитетот во Манчестер.
Целта на истражувањето беше да се открие како деловните транзиции влијаат на човековото здравје.
Така, анализирајќи 1116 невработени лица од Велика Британија кои немале работа во периодот од 2009 до 2010 година, социолозите откриле дека тие што се вработиле на подобри работни места имаат и подобро ментално здравје.
Од друга страна, поединците кои се вработиле на стресни, послабо платени и нестабилни работни места не доживеале подобрување на својата ментална состојба. Напротив, физичките показатели за хроничен стрес биле полоши отколку во времето кога биле без работа.
Дали каква било работа е подобро од немање работа?
Одговорот е не. Научниците предводени од авторот на студијата, проф. Тарани Чандола, ги следеле учесниците во оваа студија веќе неколку години. Тие ја следеле состојбата на нивното ментално здравје преку мерење на хормони и други биомаркери поврзани со стресот.
Целта на проф. Чандола била да дознае дали било која работа е подобра од немање работа.
Во истражувањето, таа се фокусирала на квалитетот на работните односи во однос на платите, безбедноста на работното место, задоволството од работата и нивото на стрес на работа.
“Квалитетот на работата е поврзан со влијанието на работата врз здравјето“, вели Чандола. “Како што добрата работа е добра за здравјето, работата со слаб квалитет може да го наруши здравјето на поединецот“.
За да се утврдат нивоата на стрес, таа ги анализирала биомаркерите базирани на покачени нивоа на хормони и воспалителни метаболни и кардиоваскуларни параметри како што се висок крвен притисок и холестерол.
“Се обидов да ја тестирам вообичаената претпоставка дека секоја работа е подобра од немање работа“, вели Чандола. “Со години работев на истражување за влијанието на работата и стресот врз човековото здравје и сфатив дека на луѓето им е генерално јасно дека стресната работа не е добра за физичкото и менталното здравје, но повеќето луѓе велат ‘барем имаш работа’, со имплицитна претпоставка дека невработеноста е многу полоша за здравјето отколку тоа да се има лоша и стресна работа“.
Неколку истражувања во други земји како Австралија, исто така, покажуваат слични резултати – лошата работа е полоша од невработеност.
“Секако, беспарицата исто така може да биде стресно искуство, но важно е луѓето да станат свесни за последиците од работата врз нивното здравје“, вели Чандола.