Секоја компанија си има свои правила и барања кога станува збор за избор на кандидати за работа. Сепак, одредени работи важат секаде.
Дека сте навистина заинтересирани
За почеток треба да покажете ентузијазам, желба и подготвеност за работата. Треба да бидете одлучни и јасни дека сакате да работите за компанијата и да ги наведете причините зошто е тоа така.
Дека сакате да учите
Важно е да имате желба да учите, да се надградувате со знаење и вештини и тоа да го потенцирате пред работодавачот. Можеби веќе имате предзнаења од областа, но кажете дека сте подготвени да учите и дополнително да придонесете за работната позиција.
Дека сте направиле истражувања за компанијата
Исто така, добро е истражите малку пред да дојдете на интервју. На прашањето дали знаете нешто за компанијата одговорете без двоумење и потенцијрате ги сите добри работи што сте ги прочитале или слушнале претходно.
Дека ги разбирате обврските на работната позиција
Од исклучително значење е да ги разберете обврските што доаѓаат со новото работно место. Би било непрофесионално доколку ве прашаат дали знаете што вклучува позицијата, а вие да немате одговор.
Дека сте благодарни што ви дале шанса
Бидете срдечни и заблагодарете што ве повикале на интервју и ви дале шанса да се “покажете“. Покрај знаење и вештини, важен е односот кон луѓето, па затоа бидете максимално коректни и љубезни.
Дека верувате во себе
Вербата во себе е потребна за сè во животот. Затоа бидете самоуверени за време на интервјуто, но внимавајте да не ја поминете границата и да направите негативен ефект. Оставете го егото настрана, останете доследни на кажаното и на достоинствен начин оставете впечаток дека сте вистинскиот кандидат за работата.